„Метал-Нет” и „Квалитет-Пром” станаа мнозински сопственици на „Агрокуманово”
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 84-тата седница донесе Решение со кое се утврдува за успешна заедничката понуда за преземање акции издадени од „Агрокуманово” АД Куманово, а дадена од „Метал –Нет” ДОО увоз-извоз Куманово и „Квалитет – Пром” ДООЕЛ Куманово. Врз основа на оваа понуда, преземачите се стекнаа со вкупно 14.702 обични акции и заедно со 10.756-те акции што веќе ги поседуваа, располагаат со вкупно 25.458 обични акции.
Ова, како што соопшти КХВ, претставува учество од 99,62 проценти од вкупниот број на обични акции издадени од „Агрокуманово” АД Куманово. На овој начин „Метал –Нет”ДОО увоз-извоз Куманово и „Квалитет – Пром” ДООЕЛ Куманово го исполнија условот за најмалата количина на обични акции издадени од „Агрокуманово” АД Куманово која требаше да биде прифатена за понудата за преземање да се смета за успешна.
Во соопштението се наведува дека преземачите се обврзаа да ги откупат сите хартии од вредност издадени од „Агрокуманово” АД Куманово по цена од 2.190 денари на кои се однесуваше понудата.