fbpx
ВестиМакедонија

По речиси еден месец закажани продолженија на четири собраниски седници

Закажувањето на продолженијата на пленарните седници доаѓа по вчерашната координативната средба на првите луѓе на пратеничките групи и потпретседателите со собранискиот претседател Талат Џафери.

Во Собранието по скоро еден месец денеска треба да се одржат продолженија на 21, 22, 25 и 26 седница. Закажувањето на продолженијата на пленарните седници доаѓа по вчерашната координативната средба на првите луѓе на пратеничките групи и потпретседателите со собранискиот претседател Талат Џафери. На средбата присуствуваше заменик-координаторот на ДУИ Арбер Адеми. Координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби веќе подолго време, не присуствуваа на состанокот, но имаат неформална комуникација со Џафери за работата и активностите на Собранието.

По недоразбирањата кои се појавија во пратеничката група на ДУИ, по што Собранието повеќе недели не можеше да одржи нова пленарна седница заради немање на кворум, премиерот Зоран Заев изјави дека сите 62 пратеници со кои располага власта во Парламентот во наредниот период ќе доаѓаат на работа. Претходно и лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека проблемите се надминати на претседателството на партијата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски пак смета дека  Собранието е блокирано поради немање капацитет да функционира старо – новото владејачко мнозинство. Вели дека во Собранието се бара поддршка за гласање на законите без притоа пратениците да имаат целосна информација за тие закони, со што, како што додава, се случува едно политичко насилие.

По неколку недели исчекување, вчера попладне на веб-страницата на Собранието беа закажани продолженијата на четирите седници. На дневен ред на 21-та седница се Предлог – законите за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, за изменување на Законот за поштенските услуги и за дополнување на Законот за заштита на населението од Заразни болести, двата во прво читање.

На 22-та седница пак се Предлог на законите за остварување на јавниот интерес во културата во прво читање и Предлог на Деловникот за дополнувања на Деловникот, поднесен од собранискиот спикер Талат Џафери.

Пратениците на 25-та седница ќе ги расправаат по Предлог на законот за задолжување со заем кај Европската банка за обнова и развој за реализирање на „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. На оваа седница се и Предлог – законите за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка во второ читање.

На дневен ред на 26 седница се четири предлог закони за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и за контрола на опојни дроги и психотропни сусптанции.

Последен пат пленарна седница имаше на 3 февруари. Поради отстуството на неколку пратеници од ДУИ, на 16 февруари пропадна обидот да се одржи пленарна седница. https://nezavisen.mk/po-rechisi-eden-mesec-zakazhani-prodolzhenija-na-chetiri-sobraniski-sednici/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close