МИК Свети Николе размислува да го пресели производството во соседството
Наместо мерки и активности за подобрување на условите, домашните производители добиваат казни од сопствените институции, за што како единствена цел тие ја гледаат можноста за полнење на буџетот.
Компанијата со најдолга традиција во месната индустрија во земјата – МИК Свети Николе, размислува да го пресели целото свое производство надвор од Македонија.
Ова го најави Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за производство на месо и преработки од месо при комората и извршен директор на Месна индустрија и кланица доо – Свети Николе. Главни забелешки се третманот на домашните компании од оваа индустрија во однос на увозниците, како и недоволната поддршка од државата.
„Зборувам од името на мојата компанија – МИК Свети Николе, после 65 години постоење сериозно и долгорочно целиот менаџмент размислува да се пресели целото производство во соседството, каде што ќе имаме многу подобри услови и многу подобар третман. И каде што во еден момент и ние ќе станеме странска компанија која што ќе продава и ќе извезува на нашиот пазар“, рече Трајчев.
Тој истакна дека компаниите од месната индустрија сакаат да продолжат да работат во нашата држава, да придонесуваат кон буџетот на државата, да вработуваат и да ги зголемуваат платите на вработените и да инвестираат во развојот на гранката, но за такво нешто неопходно е да се изедначат условите за стопанисување и контролирање, за како што посочи, „да можеме рамноправно да се бориме со сите конкуренти“.
„Итно донесете ново продолжување на мерката или некој вид трајно законско решение за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка, и итно поставете еднакви услови за контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот, без разлика дали се домашни или увозни“, нагласи Трајчев.
Тој додаде дека наместо мерки и активности за подобрување на условите, домашните производители добиваат казни од сопствените институции, за што како единствена цел тие ја гледаат можноста за полнење на буџетот.
„За оваа проблематика разговараме и пред неколку години. Имено пред две години има одржано состаноци меѓу Групацијата и Агенцијата за храна, во конкретниот случај за третманот на месните производи според природните и дозволените граници на полифосфати во производите и има доставено официјално барање за усогласување на правилниците за предложување соодветни измени и мерки со цел да го немаме овој проблем“, рече Трајчев.
Според него, иако проблемот не е решен, како и пред две години така и сега домашните производи и компании добиваат забрана за производство и казни, додека увозните производи се пуштени во слободен промет, иако учеството на фосфати и полифосфати е над дозволените граници.
„Ова го поткрепивме и со анализи земени од слободен промет, на увозните производи кои што се наоѓаат низ маркетите“, рече Трајчев, додавајќи дека домашните компании кои што придонесуваат во Буџетот, директно и индиректно, и ги плаќаат и самите институции кои што ги контролираат, се прашуваат и се зачудени кого штитат нашите институции – домашното стопанство или увозните компании.