Екологија Охридско Комплексот „Минами“-успешна приказна на руралниот туризам
Комплексот „Минами“ претставува посакувана дестинација за домашните и странските туристи. Од понудата најатрактивни се турнеите низ НП Галичица со теренски четирицикли (АТВ возила). Сето ова е организирано со професионални водичи.
Во селото Горно Коњско, Охридско, кое се наоѓа во пазувите на Националниот парк Галичица е распослан комплексот „Минами“. До ова место се пристигнува тргнувајќи од градот Охрид по патот кој што води кон македонско-албанската граница на граничниот премин Свети Наум. Вкупната должина на патот кој што треба да се помине за да се пристигне до селото Горно Коњско изнесува околу 11 километри. Последните четири километри кои треба да се изминат водат преку змијулест асфалтен пат по кој интензивно се совладува висината. Приодот кон оваа последна делница од патот е кај хотелот „Метропол“. Комплексот „Минами“ се наоѓа на 1100 метри надморска височина, на место од кое има прекрасен поглед на целокупната езерска шир.
Во рамките на овој комплекс кој што има вкупен сместувачки капацитет од 34 гости се наоѓаат четири дрвени објекти, како и еден објект изграден од камен. Во придружба на сместувачките капацитети се наоѓа и ресторан кој нуди традиционална македонска храна специфична за ова поднебје.
-Од пред околу една декада започнавме со организирање на тури со странски туристи низ прекрасниот предел и селото Горно Коњско. За кратко време почувствувавме дека има потреба од обезбедување на сместувачки капацитет придружен со угостителски услуги. За таа цел решивме да изградиме комплекс во кој што ќе може да се престојува и каде што би се задоволувале и останатите потреби од аспект на храна и пијалаци. Нашата идеја се реализира во 2015 година, кога и отпочнавме со работа, ни рече сопственикот на комплексот „Минами“ Пеце Серафимовски откривајќи ја неговата успешна приказна за „Зелена берза“.
Во „Минами“ покрај домашните се присутни и многубројни гости од странство. Повеќето од нив доаѓаат од Холандија, Англија, Белгија, Германија, Полска и други земји од поблиското и подалечното соседство. Тие се интересираат за историјата на селото и богатата биолошка разновидност на овој дел од националниот парк.
-Многуте стари објекти претставуваат културно наследство на нашиот народ кој егзистирал на овие простори. Тоа придонесува за подобро разбирање на врските помеѓу човекот и природата на овој дел од Паркот. Затоа организираме едукативни и тематски патеки за планинарење и возење велосипед. Најактуелни се организираните турнеи низ НП Галичица со теренски четирицикли (АТВ возила). Сето ова е организирано со компетентни професионални водичи. Кај нас можете да ги вкусите традиционалните македонски јадења правени исклучиво по домашни рецепти. Препознатливи сме по домашните месени печива, ѓомлезето, селското месо, локалните специјалитети од риба, јагне и др, вели Серафимовски.
Во изминатите години поради присуството на странските туристи, туристичката сезона стартуваше уште во месец април, но не и годинава поради корона кризата.
-Поради здравствената криза и отсуството на странските туристи, оваа година бевме принудени да започнеме со работа дури во месец јуни. Во моментот се присутни само домашни гости. Најголем проблем сега ни претставува водоснабдувањето како и потребата од проширување на пристапниот пат до селото, рече сопственикот на комплексот, Серафимовски.
Во амбиентот, убавините и понудата на комплексот „Минами“ уверете се сами. Ние потврдуваме дека „Минами“ претставува успешна приказна на македонскиот рурален туризам, посакувана дестинација за домашни и странски туристи кои преферираат активен одмор со многу пропратни содржини.
Текст и фотографија: Игор Петровски