
Минимална кошница за април изнесува 62.691 денари – 836 денари повеќе од мартовската
ССМ истакна дека мерките за ограничување на маржите на трговците имаат половичен ефект, бидејќи намалувањето на цените на основните прехранбени производи е само 6,78 проценти. Оттаму бараат зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и дополнително зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.
Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец април 2025 година изнесува 62.691 денари, што е зголемување од 836 денари во споредба со март, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија. Најмногу, односно 21.480 денари (34,3%) од буџетот се издвоени за храна и пијалоци. За облека и обувки се издвоени 5.634 денари (9,0%), станарина, вода, електрична енергија и греење 6.096 денари (9,7%), лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.455 денари (3,9%).
Во априлската синдикална минимална кошниџа за здравје се издвоени 1.136 денари (1,8%), транспорт 4.615 денари (7,4%), комуникации 3.417 денари (5,5%), рекреација и култура 5.592 денари (8,9%), образование 7.036 денари (11,2%), ресторани и хотели 4.131 денари (6,6%) и останати стоки и услуги 1.100 денари (1,8%).
ССМ истакна дека мерките за ограничување на маржите на трговците имаат половичен ефект, бидејќи намалувањето на цените на основните прехранбени производи е само 6,78 проценти. Оттаму бараат зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и дополнително зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.
-Евидентно од вредноста на Синдикалната минимална кошница е дека мерките се потребни и истите задолжително мора да траат подолг временски период, но поради нефер трговските практики на дел од трговците, последната мерка на Владата за ограничување на маржите за најмалку 10 отсто даде половичен ефект. Измерено преку оние 63 основни прехранбени производи кои се дел од Синдикалната минимална кошница, евидентирано е намалување на делот од храната и пијалоците само за 6,78 проценти во месец март, но граѓаните и работниците оправдано реагираат дека тоа не е доволно, односно нема видлив ефект и дека цените се или исти или се зголемени, стои во соопштението од ССМ.
Дополнуваат дека фактот што 2,5 минимални плати не ја покриваат вредноста на Синдикалната минимална кошница, реално и оправдано е барањето за зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, како и дополнително зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.
-Се прашуваме, дали ако целта на Синдикалната минимална кошница е да ја покаже реалната состојба и да изврши притисок за потребата од зголемување на платите на работниците, дали целта на Владината просечна кошница е да покаже дека не треба да има зголемување на платите и дека македонскиот работник и со вака ниските плати живее добро?, дополнуваат оттаму.
Сојузот на синдикатите на Македонија Синдикалната минимална кошница ја пресметува од 2011 година и вредноста на истата има за цел да им покаже на креаторите на политиките дека платите се ниски и мора континуирано да се зголемуваат.