Младите не сакаат да работат земјоделие, претпочитаат да заминуваат по светот
Мачен е животот земјоделски, горчлив е лебот на земјоделецот. Само тој што не работел земјоделие, не го знае ова.
„Мачен е животот земјоделски, горчлив е лебот на земјоделецот. Само тој што не работел земјоделие, не го знае ова. Во Македонија станува се’ потешко да се преживее од земјоделието. Затоа и младите ни бегаат, не сакаат ни да слушнат да останат в село и да го продолжат она во што ние сме го вложиле целиот свој живот. Овде не гледаат ниту надеж, ниту перспектива. Селата, полека, но сигурно, ни се испустија. Во нив се’ помалку има живот, оти се’ помалку млади има“. Ова се само дел од животните приказни на македонските земјоделци, кои тврдат дека „белата чума“ се’ повеќе си го земала својот данок.
„Селата се нагло испустени, а заинтересираноста на младите е катастрофа, на еден процент. Секој гледа само да добие виза и да замине странство, дали Австралија, Америка, Канада или во европските земји. Повеќе не верувам дека некој од младата генерација ќе остане на оваа стопанска гранка и во оваа држава. Секој гледа, завршува некое си образование и заминува странство“, – објаснува Тони Петковски, земјоделец.
Борче Бучински е татко на три деца. Најголемиот негов син има само 18 години и веќе размислувал да замине некаде. „Не сака ни да слушне да остане овде и да го продолжи нашиот фармерски семеен бизнис“, вели Борче, кој токму од овие причини веќе почнал и да го намалува бројот на кравите кои ги одгледува.
„Повеќе од оваа генерација на млади луѓе не верувам дека ќе се нафати некој да произведува храна, дали било млеко или било друго. Јас сум единствениот со ситни крави во Могила, или не единствениот, можеби има уште 5-6 фамилии со поситни крави, а бевме 400 фамилии“ – посочува Борче Бучински.https://alfa.mk/mladite-ne-sakaat-da-rabotat-zemjodelie-pretpochitaat-da-zaminuvaat-vo-svetot/