Поскапени цени, исти плати, масовни отпуштања, а од друга страна недоволни и ненавремени мерки за помош од државата. Вака Конфедерацијата на слободни синдикати го најави предупредувачкиот протест, за како што велат, властите конечно да почнат праведно да ги покачуваат минималните и просечните плати. Протестот ќе го одржат на 15 април.
„Сите знаеме колку е поскапен животот во последнава година – две. Сите одиме во продавница во маркетите гледаме колку се поскапени сите производи. Само во март имаме инфлација од два отсто и тоа кажува сè…“, рече Благоја Ралповски- Кофедерација на слободни синдикати.
Синдикалците алармираат дека работниците се осиромашени и многу тешко ја преживуваат здравствената и економската криза.
„…На оние што се заболени им се одбива плата, на оние што се во изолација им се одбива плата, официјално 50 до 60 илјади граѓани ги изгубија работните места“, додава Ралповски.
Неопходните месечни трошоци на едно четиричлено семејство, според Сојузот на синдикатите, изнесува нешто над 33 илјади денари, а просечната плата изнесува 28 илјади. Ако пак, двајцата сопружници примаат минимална плата од по 15.200 денари, заедно нема да можат да ги покријат основните трошоци во месецот. Па, така за:
Синдикална кошничка на ССМ:
Исхрана и пијалоци 14.162 денари
Домување 10.817 денари
Хигиена 2.371 денари
Превоз 2.498 денари
Облека и обувки 2.124 денари
Култура 1.067 денари
Одржување на здравје 728 денари
Последните податоци на Државниот завод за статистика говорат дека претходниот месец дури бил забележан и понатамошен раст на трошоците за живот од 2,1 насто. Во март поскапеле и цените на мало 2,6 проценти споредено со истиот месец лани. Најголемо зголемување има на цените на маслото, шеќерот, џемот, лебот, житните и млечните производи. Пред пандемијата имало 27 илјади семејства приматели на социјална помош, а сега бројот е зголемен и изнесува 32.500 домаќинства.https://alsat.mk/mk/mnogu-od-graganite-vo-zemjava-se-na-rab-na-egzistentsija/