Можен е прекин во откупот на тутунот заради недонесените законски измени
ВАЖНО-Засега никој не знае кога ќе се направат измените односно кога во Собранието ќе се гласа за нив и кога ќе се објават во Службен весник за да може да продолжи откупот на тутунот.
Тутунарските здруженија иако добија уверување на последната средба со министерот за земјоделство Хоџа дека ќе се заложи за да се донесат законските измени и откупот на тутунот наместо до крајот на февруари да се продолжи до крајот на март сепак тоа се уште не е направено. Засега никој не знае кога ќе се направат измените односно кога во Собранието ќе се гласа за нив и кога ќе се објават во Службен весник за да може да продолжи откупот на тутунот. Она што е познато е дека според сегашното доцнење во процедурите се поизвесно е дека вратите на откупните центри во понеделник нема да се отворат. Сите што би сакале да продолжат со откуп ќе треба да го кршат Законот, бидејќи власта доцни со измените кои ги вети и за кои доцна се сети дека се потребни.
-Ние цело време укажувавме дека динамиката на откуп е слаба, апелиравме да се откупува во саботи и во недели, но сепак за тоа немаше слух, а сега и овие измени кои се најавени само се каска со роковите за нивно донесување и можно да се направи одреден прекин во откупот. Состојбата на терен е уште полоша бидејќи се уште нема поделено картони за оној вишок на тутун кој тутунарите уредно го пријавија и чекаат на откуп. Откупувачите ветија дека ќе земат 2,5 милиони килограми вишок на тутун но затоа се уште нема списоци. На терен се зема само 3, 4 и 5 берба додека долните берби не се земаат. Како мислат и кога мислат ние се уште не знаеме. Од март нова реколта почнува и апелирам да не брзаат тутунарите при подигање на семе да не склучуваат договори додека не завршат преговорите кои треба да бидат во интерес на тутунарите, рече Игор Мически од Иницијативниот одбор на тутунарите.
Како што стојат законските работи во Собранието побрза е постапката за измена на закон кога е на иницијатива на пратеници заради што и Министерството дало зелено светло за да се донесе измената по оваа иницијатива со оглед на тоа што речиси се идентични предложените измени. Сега на овој начин „топката“ е префрлена во Собранието и тутунарите сега зависат од брзината со која ќе бидат донесени измените на законот во Собранието наместо тоа со време да го направеше Министерството за земјоделство кое остана затечено и многу доцна донесе одлука дека треба да се бараат законски измени и дека нема да се стаса целиот тутун да се откупи иако секојдневно службите имаат преглед како тече откупот. Ако Собранието не го донесе решението навреме ставот на Министерството даден за Канал 5 телевизија е дека ќе се направи краток застој во откупот се додека не стапат на сила законските измени. Заклучно со 23 февруари откупени се 24.271 тони на тутун со просечна цена од 165 денари за килограм. За начинот како ќе се делат 5 те милиони евра министерот Хоџа во последната своја изјава потенцираше дека ќе се чека да заврши целосно откупот, па потоа ќе се објави моделот на поделба на овие дополнителни пари од петтиот пакет на ковид мерки.
Тим на Зелена берза