Мрежите се најефикасни против град, сонце и дожд

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Примената на заштитни мрежи од град, сонце и поројни дождови дава најдобри резултати за намалување на штетите и последиците во земјоделството од климатските промени. За жал, македонските земјоделци многу малку ги користат, иако имаат можност преку ИПАРД-програмата да добијат средства за таа намена. Ова беше заклучокот на учесниците на првата национална конференција за климатски промени, која се одржа во Струмица. Учесниците се согласија дека е потребна поголема едукација на фармерите за примена на мерките за заштита од невреме на лозовите, овошните и на зеленчуковите насади.

22

“Климатските промени станаа ноќна мора за секој земјоделец, бидејќи не знаеме кога, како и што ќе ни се случи. Ние сме фабрика на отворено. Затоа треба да се едуцираме како да си го заштитиме своето производство, бидејќи последиците се катастрофални”, истакна Никола Стаменов од Федерацијата на фармери.
Истражувањето на мрежата за рурален развој во Македонија покажало дека инсталацијата на заштитните мрежни платна и заштитните УВ-мрежи во земјоделството има најдобри ефекти. На минимум се сведени последиците од град и сончеви изгореници кај овошјето и кај зеленчукот.
“Оваа инвестиција е релативно скапа, но на долг рок исплатлива. За еден хектар лозови или овошен насад, конструкцијата и заштитните мрежи чинат околу 15 илјади евра. Но секој сериозен земјоделец мора да има на ум дека со нивната примена ќе нема штети, ќе има квалитетно производство и ќе ги исполнува договорите кон трговците”, истакна Петар Ѓеоргиески од мрежата за рурален развој, кој нагласи дека има пари за таа намена од националната ИПАРД-програма.

Share Button