fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

МЗШВ со Програмата за поддршка на откупот за свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи

До сега се дистрибуирани вкупно 370 тони јаболка низ основните училишта

Во услови на светска криза, со зголемен буџет за земјоделскиот сектор ја обезбедуваме сигурноста на населението дека храна ќе има доволно, преку зголемено производство. За да ја постигнеме таа цел во 2023 стартуваме со најголемата земјоделска реформа во историјата која претставува еден од петте столбови на кои се темели новиот буџет.

За прв пат во историјата започнуваме нов модел на субвенционирање и авансна исплата на субвенциите. Обезбедени се над 7 милијарди денари за субвенции и ова се рекордни средства кои ќе овозможат зголемено домашно производство, со фокус на вистинските земјоделци. Поддршката е наменета за сите значајни култури и на развој на сточарството. Во 2023 ќе имаме рекордно високи субвенции за високомлечни грла зголемени за 30% со што стимулираме поголемо производство на млеко. Она што е најважно за новиот модел е што целокупното домашно производство ќе остане дома во нашите капацитети. За прв пат од 2023 година започнуваме и со ортофото снимања, преку кои ќе вршиме прецизна контрола дали земјиштето се обработува, што ќе биде клучно за исплатата на субвенциите.

Една од клучните промени за 2023 е Програмата за рурален развој, која прераснува во инвестициска програма со буџет од една милијарда и педесет милиони денари. Преку оваа програма и во 2023 ќе ги реализираме сите позитивни мерки кои постигнаа одлични резултати и огромен интерес кај земјоделците. Тоа се мерките рурална жена, млад земјоделец, набавка на опрема, системи за наводнување, педигриран добиток и многу други. Една од мерките која постигна рекордни резултати е субвенционираната набавка на високопедигриран добиток. Оваа година се потпишаа 103 договори, за набавка на скоро 4000 грла со висок генетски потенцијал. Ваквиот интерес беше мотив да ја подобриме мерката уште повеќе, со тоа што за 2023 го зголемивме кофинансирањето од 50 на 70%.

За прв пат во 2023 воведуваме нова мерка во програмата за рурален развој, наречена „Бизнис план во земјоделството“ со грант до 600.000 денари. Создаваме можност земјоделците сами да си одберат што најмногу им треба и на јавен повик, кој ќе трае преку цела година, да аплицираат тогаш кога ќе бидат подготвени, без рокови и без брзање.

Со реформата на програмите во земјоделството предвидени се четири развојни програми: Програма за откуп, Програма за мали производители, Програма за мали винарии и Програма за поддршка на задругите.

Програмата за поддршка на откупот за свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи, започна за прв пат оваа година и ќе продолжи и во 2023. Преку оваа програма го поддржуваме откупот на домашни земјоделски производи, и обезбедуваме здрава ужинка за учениците во основните училишта. Реализацијата на оваа програма веќе започна со дистрибуција на 743.000 килограми јаболка за 186.000 ученици од 350 основни училишта. До сега се дистрибуирани вкупно 370 тони јаболка низ основните училишта во Скопје, Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Кочани, Куманово, Маврово и Ростуше, а во наредните денови дистрибуцијата продолжува и низ основните училишта во другите општини. Оваа година со овој проект секој ученик добива пакет од 4 килограми македонски јаболка. Со буџетот за 2023 година, за оваа програма средставата се двојно зголемени и предвидени се 40 милиони денари со кои освен овошје, децата ќе добиваат здрава ужинка од зеленчук, млеко и млечни производи.

Се воведува и Програма за развој на земјоделските задруги која има за цел да придонесе кон развој на селата преку развојот на земјоделските задруги. За таа цел предвидени се средства во износ од 3 милиони денари за постоечките задруги и 1.5 милиони денари за новоформирани. Задругарството како форма на здружување има огромен потенцијал и затоа ние ќе го поддржиме и во следната година.

Вториот столб од земјоделскиот буџет за 2023 година е насочен кон поддршка на малите производители преку Програмата за малите производители на храна со буџет од 35 милиони денари. Малите производители ќе ги поддржиме со грант до 600.000 денари. Сите нови мали производители треба само да се регистрираат во АХВ, за да можат да остваруваат продажба од праг или фарма. Очекуваме над 2000 нови регистрирани мали производители. Со оваа програма ќе се создадат нови мали бизниси кои ќе развијат нови производи. Имавме можност да го видиме тоа богатство на над 200 македонски брендови од мали производители, кои беа промовирани на нашиот прв Национален саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“. Мали производители се и малите семејни винарии со кои постигнавме огромен успех. Само за една година имаме рекорден упис во регистарот на производители на вино, дури 100 нови, а 59 мали винарии добија грант до 10.000 евра. Овој успех беше мотив да креираме посебна Програма за малите винарии, да ги поттикнеме уште повеќе, за која цел во буџетот се предвидени 35 милиони денари.

На заедничката прес-конференција на премиерот Ковачевски и министерот Николовски, која се одржа во понеделникот, министерот упати порака, кон земјоделците да бидат спокојни, обезбедена е рекордна сума за субвенциите. Николовски упати и искрена благодарност за подршката и искажаната доверба која земјоделците годинава ја потврдија, преку рекорден број на апликации за сите мерки кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги креираше за нив.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close