Со поддршка на ЕУ, изминатите 20 месеци авионски се снимени 6.000 фотографии врз основа на кои се изготвени орто-фото мапи и е направена дигитализација на целата територија на Македонија. Пврпат, преку овој дигитален модел на теренот, се овозможува увид во земјиштето, во начинот на неговото искористување и се следат, евидентираат и регистрираат сите промени. Сега може да се види кои култури каде се застапени, на колкави површини, но и кои делови од земјиштето се користат за градење (патишта, објекти).
Како што беше речено на денешната презентација на резултатите од проектот вреден 900.000 евра, што го спроведе Министерството за земјоделство, со дигитализацијата се опфатени и пасиштата.
Податоците, освен МЗШВ, ќе може да ги користат и други институции кои се на кој било начин поврзани со земјоделскиот сектор: Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за просторно планирање,…
-Добивме информација за вкупното расположливо земјоделско земјиште поделено во неколку категории: ораници, оранжерии, долгогодишни насади, пластеници и пасишта. Точните податоци со колкава земја располага земјоделецот, бројот на насади и добиток, типот на култури, се важни за навремена и правилна исплата на субвенциите, истакна министерот Љупчо Николовски.
Според него, со ова, практично, ќе се оневозможи неправилно внесување на податоците при аплицирањето за финансиска поддршка.
Полскиот амбасадор Војчех Тичински го поздрави процесот на дигитализација на земјиштето, нагласувајќи дека ова е уште еден чекор кон усогласување на македонското земјоделство со европското.