МЗШВ: Го детектиравме проблемот и ќе се насочиме кон исполнување на препораките од ЕК
Ќе се насочиме кон исполнување на сите препораки содржани во Извештајот на Европската комисија, велат за МИА од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
По изнесените забелешки и оценката дека Македонија е умерено подготвена во земјоделството, ефикасното искористување на ИПАРД – средствата останува еден од главните приоритети, а политиките и натаму се фокусирани на градење цврсто договорно производство кое, според МЗШВ, ќе значи сигурен пласман, повисока откупна цена и поконкурентни производи.
– Веќе го детектиравме проблемот на ниска искористеност на ИПАРД фондовите за време на претходната влада. Во таа насока Платежната агенција и Телото за ИПАРД кадровски се зајакнуваат, а во тек е и процесот на нови вработувања. Почнуваме со модификација на ИПАРД 2014-2020 со што во Програмата ќе влезат Советодавните услуги и ЛИДЕР, а целта е да се зголеми портфолиото на мерки кои ќе бидат финансирани со ЕУ фондови и ќе бидат достапни до македонските земјоделци, информираат од Министерството.
Во процедура е и пакетот за акредитација за мерката „Рурална инфраструктура“ кој ќе биде испратен на одобрување до Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската унија.
Според Извештајот, Македонија е на добро ниво на подготовка во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика. Постигнат е и напредок во усогласувањето со заедничката земјоделска политика.
– Во таа насока организираме редовни и навремени средби со сите засегнати страни. Нашата цел и обврска како ресорно Министерство е да создадеме услови за непречен откуп и стабилни откупни цени. Нашите политики се насочени кон градење цврсто договорно производство, кое ќе значи сигурен пласман, повисока откупна цена и поконкурентни производи, децидни се од МЗШВ.
Преку ИПАРД 2 Европската комисија и додели на Македонија 60 милиони евра. За првиот јавен повик претходната година беа доставени 1.647 барања за нешто повеќе од 73,5 милиони евра.