МЗШВ: Рокот за аплицирање за субвенции е до 15-ти септември

(Oвој напис е објавен на: August 25, 2017)

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува земјоделците, дека рокот за  поднесување барања за субвенции за земјоделство од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година, кој почна на 3-ти јули годинава, трае до 15 септември 2017 година.

Земјоделците можат сами да поднесат барање за директни плаќања преку Е-Барање кое е поставено на страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Оние земјоделци кои не се во можност сами да си креираат барање, најдоцна до 30 Август годинава треба да побараат техничка поддршка од Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за да можат да го запазат рокот за аплицирање на 15 септември. За помош околу аплицирањето земјоделците можат да ги користат и услугите на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.

Барањето се поднесува по електронски пат без доставување на документи, а врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни. Одгледувачите на говеда, овци, кози и пчели, пред поднесување на барањето треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор. Постапката за поднесување барање за директни плаќања е иста како и претходната година.  На сите огласни табли на Подрачните единици на Министерството за земјоделство, на видно место се истакнати сите потребни информации за аплицирање.

Земјоделците е важно да ги испочитуваат роковите за аплицирање, за да може поднесените барања навреме да се обработат и субвенциите да се исплатат согласно предвидениот распоред во текот на годината, кој е усогласен со типот на земјоделското производство.