На продавачите на зеленчук и овошје на пазарите секој ден им остануваат непродадени продукти
Банките за храна можат да прехранат до 4 отсто од целокупното население во Португалија
Португалија има над 10 милиони жители и дури 21 банка за храна (food-banks), кои можат да прехранат до 4 отсто од целокупната популација на оваа земја-членка на ЕУ. Нивната главна цел е да се борат против фрлањето на разните видови на храна како отпад, а обезбедените вишоци од разни оператори на храна да ги насочат кон оние на кои им е најмногу потребна – лицата кои се наоѓаат во неповолна финансиска ситуација и анонимно имаат побарано поддршка од португалските добротворни организации.
Мета.мк беше во посета на првата банка за храна во Португалија, која што е основана во далечната 1991 година. Станува збор за импозантен логистичко-дистрибутивен центар во Лисабон, којшто е централната точка на функционирање на банката за храна во главниот град. На оваа локација се доведува храната која што е вишок, на идентичното место се сортира според потребите на луѓето, и со комбиња и камиони на добротворните организации се разнесува низ градот. Покрај околу 400 добротворни организации што се поддржуваат само во Лисабон, пунктови за дистрибуција на прехранбени производи тие имаат низ цела Португалија и им помагаат на тамошните организации.
Борба против фрлањето на храна како отпад
Првата банка за храна во Португалија денеска функционира со поддршка на „Ентражуда“, приватна институција за општествена солидарност основана во 2004 година. Таа е основана за да им помогне на невладините организации кои се занимаваат со општествена солидарност во Португалија со ресурси и знаења за да преземат општествена акција. До денешен ден, со нивна помош функционира банката за храна, но и првата и единствена во Португалија банка за непрехранбени производи (noon-food bank).
Со претставници на „Ентражуда“, прошетавме заедно низ двете локации во Лисабон, каде што се сместени банката за храна и за непрехранбени производи.
„Одиме во индустријата, го собираме вишокот, им го даваме на добротворните организации, а потоа добротворните организации им помагаат на семејствата и на луѓето“, нѝ го раскажува низ разговор претставничката на „Ентражуда“ начинот на којшто се одвива дистрибуцијата на храна.
Се наоѓаме на локација со три различни објекти во близина на една од железничките станици во Лисабон. Во хангарот во којшто сме лоцирани, внимателно се подредени зеленчукот и овошјето коишто пристигнале во текот на денешниот ден за дистрибуција. Волонтери помагаат за утовар во ладилниците на јогуртот и замрзнатите производи, додека на централна позиција во магацинот неколку лица вршат сортирање на најразновидни производи во пакети – од чоколади, кремови, зеленчук и овошје до млечни производи.
Сувата храна (тестенини, корнфлекс итн.), производите спакувани во тегли и сите други производи кои не се чувствителни на расипување поради високите температури се сместени во вториот хангар, каде што волонтерите исто така вршат засебно сортирање на производите коишто ќе бидат упатени кон добротворните организации.
„Се бориме против фрлањето на храна како отпад. Секој ден дистрибуираме околу 40 тони најразновидни стоки“, велат од банката за храна.
Тие додаваат дека исклучително важно за нив е секое лице или семејство на кое му е потребна помош да се третира како индивидуален случај, со достоинствен однос и со постојан контакт во врска со потребите.
„Навистина нѝ е важно да го знаеме секој од нив, за да можеме да бидеме доволно фер во дистрибуцијата и да бидеме сигурни дека на секое семејство му се помага соодветно“, појаснуваат од „Ентражуда“.
Инаку, разновидните производи коишто секојдневно ги дистрибуира банката за храна ги добиваат на различни начини. Еден од нив е постојаната соработка со индустријата, која им ги доставува вишоците на произведена или непродадена храна. Контактите со супермаркети, но и со продавачите на зелените пазари во Лисабон е уште еден извор од каде што ја добиваат храната.
Од банката за храна објаснуваат дека на продавачите на зеленчук и овошје на пазарите секој ден им остануваат непродадени продукти, коишто ако не ги раздадат, по извесен период би можеле да завршат како неупотребливи на депонија. Соработката со другите банки за храна низ Португалија е секојдневна и континуирана, вишоците коишто ги обезбедуваат на одредени производи постојано се разменуваат, за да не се случи некој од нив да постане неупотреблив.
Повеќе на линкот https://meta.mk/reportazha-bankite-za-hrana-vo-portugalija-mozhat-da-prehranat-do-4-otsto-od-celokupnoto-naselenie-foto/