На располагање се неповратни средства за развој на рибарството и аквакултурата во земјава
Од денеска, па се до крајот на овој месец, сите кои сакаат да градат нови, да ги ревитализираат или обноват старите рибници, мрестилиштата или мандрите, ќе може да поднесат барање за добивање на средства од Програмата за рибарство и аквакултура. За неповратни средства може да аплицираат и сите кои од 1- ви јули до 30 септември набавиле порибителен материјал за насадување на рибниците.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, појаснува дека станува збор за доделување на неповратни финансиски средства ( грант). Средствата се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.
Финансиската поддршка за изградба на нови, реконструкција и адапатација на постојните рибници, изнесува до 1.000.000,00 денари.
Иста финансиска поддршка може да добијат и апликантите кои се корисници на мандри за традиционален лов на риби и кои ги реконструирале истите.
До 1.500.000,00 денари може да добијат сите кои сакаат да ги рехабилитираат риболовните води и мрестилиштата. Грант до 30.000 денари може да добијат и сите кои имаат направено заштита на риболовните ревири и рекреативни зони . До 150.000 денари грант, може да добијат оние баратели кои ќе поднесат барање за заштита на риболовни зони, додека до 400.000 денари грант, им следува на сите апликанти кои аплицираат за заштита на риболовни подрачја.
Оваа поддршка може да ја добијат сите кои имаат направено прифатливи трошоци за физичка заштита на рибите, за рибочувари, за гориво за пловни објекти кои се во сопственост на концесионерот во време на природен мрест во период од 1 – ви април до 15 – ти јули 2020 година.
Барање за добивање на финансиска поддршка може да поднесат и оние кои од 01 јули до 30 септември годинава набавиле порибителен материјал за насадување на рибниците.
Средствата од оваа потточка 2.2. се исплаќаат скалесто и тоа:
– за купен или сопствен подмладок до 2.500 кг – 100% од вредноста на утврдената цена на подмладокот;
– за купен или сопствен подмладок од 2.500 кг до 5000 – 75% од вредноста на утврдената цена на подмладокот;
– за купен или сопствен подмладок од 5.000 кг до 7500 – 50% од вредноста на утврдената цена на подмладокот;
– за купен или сопствен подмладок над 7.500 – 25% од вредноста на утврдената цена на подмладокот.
Образците како и барањето за исплата на средства заедно со листата на потребни документи кои се доставува во прилог на барањето се достапни на веб страната на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.
Барателите потребно е да поднесат уредно и комплетно пополнето барање за секоја мерка/потточка одделно.
Сите потенцијални баратели целокупната документација треба да ја достават во затворен плик, преку пошта на адреса:
Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ул. бул,,3-та Македонска Бригада, бр.20 (зграда на Македонија Табак Блок Ц) 1000 Скопје, или со предавање во архивата на Агенцијата. На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува “НЕ ОТВАРАЈ” и мерката / потточката за која аплицира
Крајниот рок за аплицирање е 30.11.2020 година.