Пелагонија
Дури деведесет и еден земјоделец од Пелагонија пријавиле штети од невремето што го зафати регионот во јуни. Погодени се повеќе земјоделски површини во неколку села, како Егри, Меџитлија, Лопатица и други атари.
Град со големина на орев и силно невреме најпрво ги зафати пограничните села Егри и Меџитлија, нанесувајќи огромна штета врз земјоделските култури. Земјоделците се пожалија дека градот им го обра ќарот од годинешниот род, пиперот, житото, јачменот, пченката, бостанот и други градинарски култури.
-Нѐ погоди голема несреќа, сѐ што имавме посадено и посеано е уништено. Град голем колку орев врнеше 45 минути. Невидено досега. Зафати околу 200 хектари од полето. Се случувало и претходни години да врне град во овој период, но толку голем зијан во нашето поле не направил досега, се пожали Манојле Ристевски, жител на Егри.
Жителите на селото раскажуваат дека градот не оставил ништо од родот по нивите.
-И други години имало фатено, но на помала површина. Ова сега оштети две третини од полето. Пиперките се сто проценти оштетени, пченицата 70-80 проценти, јачменот можеби во целост, а и пченката е многу оштетена, рече Славе Стефановски од Егри.
Претставници на локалната власт и надлежни за земјоделство излегоа на терен.
Општина Битола испрати известување до земјоделците за достава на барање за проценка на штети.
-91 земјоделец пријавија дека нивните посеви настрадале од невреме и град. Силните врнежи од дожд и град оставија големи последици врз земјоделските насади во неколку битолски села, а со цел локалната самоуправа да им помогне на земјоделците во намалување на последиците со кои се соочуваат, се повикува сите земјоделци од општината, во чии што земјоделски површини е направена штета, да достават барање за надомест на штета до Општина Битола, информираше Општина Битола.
Доставените барања се очекува да бидат разгледани од страна на Комисијата за проценка на штети од елементарни и други непогоди.
А.Блажевска