Најмногу се гине во земјоделието, најголемиот број повреди се кај мажи
Македонското здружение за заштита при работа кое традиционално, почнувајќи од 2008 година, по повод 28 април, објавува Годишен извештај за несреќи при работа.
Извештајот за несреќи при работа е независен, а како извор за добивање на податоци за несреќите при работи, пред се, се користени информациите објавени во медиумите во Македонија во рамки на тековната година.
„Податоците за 2022 година потврдуваат дека се гине на работните места! Во нивна чест и сеќавање, денес во паркот на последната автобуска постројка со број 5, Ново Лисиче, Општина Аеродром, ќе бидат засадени 22 дрвца, бројот на новите садници го отсликува бројот на загинатите на работното место во текот на 2022 година“, велат од МЗЗР.
Во 2022 година забележани се 169 несреќи при работа, но според Здружението оваа бројка е конзервативна и не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место кој
во просек според податоците на Институтот за Јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво.
Според податоците 22 потешки несреќи на работното место беа со смртни последици. Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во
Македонија изнесува 3,17 односно на секои 100.000 вработени, тројца вработени гинат на работното место во 2022 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пад споредбено со претходната 2021 година, кога изнесувала 3.77.
Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2022 година изнесува 21,21, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 21 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 16,97, стапката на повреди за 2022 е во благ пораст.
Во 2022 година во 26 од нив се случиле несреќи при работа, што значи дека во 77% биле забе лежани несреќи при работа. Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје е град со најголем број на несреќи. По Скопје следат Битола и Прилеп. Оваа година најголемиот број на смртни случаи поврзани со работното место е во Скопје четири, следат Струга, Струмица и Неготино со по три случаеви.
Најмногу несреќи има во Преработувачката индустрија 59, по што следи Јавна управа и одбрана 27 и Градежништвото со 14. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во дејностите на домаќинства како работодавачи 8, градежништвото 6 и преработувачката индустрија три.
„Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти. Доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број на повреди и смртни случаеви, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа“, се вели во Извештајот.
Во согласност со нашите податоци и оваа година поголемиот број на повреди и смртни случаи спаѓаат во категоријата мажи. Од вкупно 165 несреќи, 4 од нив спаѓаат во категоријата жени, што е помалку од минатата година кога беа забележани 6 повреди во категоријата жени.