fbpx
ВестиТоп вести

Намалени родот и квалитетот на боровинката

 

За разлика од минатата година, кога родот на боровинката во Кичевско и во земјава воопшто, беше рекорден и собирачите на овој благороден плод можеа во еден ден да заработат и помала плата, годинешниот род е многу помал, а и квалитетот на боровинката е послаб.

– По рекордната 2018 година, кога родот на боровинките и насобраните количества беше над сите очекувања, ова лето состојбата во нашиот регион е нешто поинаква, бидејќи приносите се многу помали, а квалитетот на родот споредено со лани е многу полош. Според нашите процени, главните причини за годинешното потфрлање се должат на екстремно високите температури летово, а секако и на сушата во периодот кога родот на боровинката требаше да окрупни – вели Трајан, долгогодишен собирач на боровинки и други шумски плодови.

Тој додава дека, сепак, и покрај послабиот род, нема да останат без домашно слатко и сок приготвени од плодовите на боровинката, кои сами ги собрале.
Собирачите на боровинки и летово организирано одат во групи и во планината остануваат и по неколку дена, за да соберат што повеќе свежи боровинки.
– Собирањето на боровинката не е нималку лесна работа, бидејќи треба да се искачите високо во планината, каде што треба да останете неколку дена за да соберете дел од годинешниот род и таму да ноќевате. Со себе треба да понесете алат за собирање боровинки, како и шатор и топла облека за студените ноќи. Но, и покрај вложениот труд, собраните количества се многу помали од лани, а дополнително родот на боровинката е многу поситен и треба да вложите многу повеќе труд и да потрошите повеќе време, за да соберете барем половина од ланските количества – велат собирачи на боровинки од Копачијата, кои во изминатите 7-8 дена собирале боровинки на планините Бистра и Стогово.

Тие исто така додаваат дека родот на боровинката поради сушата е многу посув и има многу помалку сок во еден килограм, споредено со претходната година.
– Против природата не се може, а нам ни преостанува да го сработиме планираното и да бидеме задоволни со насобраните количества, ако ништо повеќе барем за сопствени потреби – додаваат собирачите.

Тие посочуваат дека откупната цена за еден килограм зрели боровинки изнесува 120 денари, откупот е речиси загарантиран, но приходите споредени со ланската година се многу помали. Така, годинава собирачите на шумски плодови не можеа да ги реализираат своите планови, бидејќи, покрај потфрлањето на боровинката, имаше целосно потфрлање на печурката вргањ, од која редовно се остваруваа и најголемите приходи кај собирачите на шумски плодови, што беше пресудно за подобрување на домашниот буџет.

извор; Нова Македонија

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close