Намалени трошоците на живот во јули
Трошоците на животот во јули годинава се намалени за 0,3 отсто, во однос на претходниот месец, а цените на мало пораснале за 0,4 отсто. Во споредба со јули 2017 година, пак, трошоците на живот пораснале за 1,7 отсто, а цените на мало за 3,3 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, намалување на трошоците на животот во јули годинава во споредба со претходниот месец има кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 12 отсто, кај свежото и разладеното овошје за 2,3, маслото и маснотиите за 1,1 отсто, другите пекарски производи за 0,6, брашното и другите житарици за 0,5, сирењето и урдата за 0,4, замрзнатата риба, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,3 отсто. Намалување е забележано и кај отпадната вода за 6,2 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 5,9, течните горива за домаќинствата за 1,7, информатичката опрема за 1,5 отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 1,2, средствата за чистење и одржување на станот за 0,9, обувките за 0,8, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,4 отсто.
Пораст на трошоците на животот има кај сувото овошје и јаткастите производи за 0,9 отсто, јогуртот за 0,6, свежата и разладената риба за 0,5, сушеното, соленото и чаденото месо, јајцата и цигарите за 0,4 отсто, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,3, житата, замрзнатото овошје и другите прехранбени производи за 0,2 отсто. Пораст е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 16,1 отсто, туристичките пакет-аранжмани за 6,5, услугите за сместување за 3,4, патниот сообраќај за 1,6, парамедицинските услуги, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 1,5, велосипедите за 1,0 отсто, услугите за култура за 0,9, теписите и другите покривки за под за 0,7, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,6, услугите за одржување на станот за 0,5, терапевтските помагала за 0,4 отсто, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, градините, растенијата и цвеќињата за 0,3, ткаенините и угостителските услуги за 0,2 отсто.
a1on