Овој месец треба да стапи во сила одредбата за намалување на даночната стапка на ветеринарните лекови на 5%. Ова е само еден дел од барањата што Ветеринарната комора ги доставуваше до Владата и Министерството за финансии. Долги години комората доставуваше предлози за намалување на даночната стапка за ветеринарните услуги и ветеринарните лекови. Целта од намалувањето на ДДВ то би била обострана и за ветеринарните друштва и за одгледувачите на добиток и други животни.
-За жал и покрај упорноста на Комората Министерството за финансии само делумно го прифати барањето , одобрувајќи намалување на даночната стапка само за ветеринарните лекови . Со измените на Законот за ДДВ кои веќе се објавени во Службен весник на РСМ одредбата стапува на сила од 24.08.2019 година Во известувањето доставено до Ветеринарната комора , Министерството наведува дека намалување на ДДВ за ветеринарни услуги е неприфатливо од аспект на непланирани фискални импликации во тековната година и дека истото се коси со регулативата на ЕУ и ќе претставува проблем при претстојните преговори за членство на нашата држава, вели Томислав Николовски , претседател на Ветеринарната комора, во дописот испратен до Зелена берза.
Оттаму велат дека со намалувањето на даночната стапка само за ветеринарни лекови нема да се постигне никаква цел , освен олеснување на работата на веледрогериите увозници на лекови и евентуално намалување на притисокот со внесување на нелегални препарати од соседството, кој исто така е реален проблем во нашата држава.
-За самите ветеринари и одгледувачи на добиток мерката нема да има никаков ефект , зашто лековите се само средство кое се употребува за третирање на одредени здравствени состојби , кои претходно и нужно треба да бидат дијагностицирани од компетентно лице –доктор по ветеринарна медицина и прописно аплицирани од истиот. Од ветеринарните лекови , само еден многу мал дел се продаваат на рака и се достапни до одгледувачите. додава Николовски.
За образложението што го добиле од Министерството за финансии велат дека не е целосно издржано , зашто ако се имало волја да се излезе во пресрет на долгогодишните барања на ветеринарите, поддржани од одгледувачите на добиток , лесно ке се најдело решение со одложена примена на одредбата за намалување на ДДВ во наредната година, а што се однесува до наведените правни пречки од ЕУ, истите не постојат , зашто секоја земја самостојно си ја одредува фискалната политика која се однесува на ветеринарното здравство. Доказ за тоа се Словенија и Полска, членки на ЕУ со развиено сточарство, кои имаат повластена даночна стапка за ветеринарни услуги и ветеринарни лекови.
Ветеринарното здравство е најзначајна алка во вредносниот синџир во сточарското производство, зашто здрави животни се неопходен услов , како од аспект на продуктивност , така и од аспект на јавното здравје. Исто така ветеринарно здравствените услуги кои се нужно неопходни треба ценовно да бидат достапни за секој одгледувач на животни и никако не се луксуз за така да се оданочуваат, иако се добива впечаток дека покрај намалените даночни стапки во земјоделието и хуманото здравство, ветеринарните услуги и сектор во Република Северна Македонија се третираат без разбирање и неадекватно на општествената улога на професијата, велат од комората.
Поаѓајки од интересот на докторите по ветеринарна медицина и одгледувачите на животни Ветеринарната комора и понатаму упорно и постојано ќе бара целосно решавање на посочениот проблем со намалување на даночната стапка за ветеринарни услуги и ќе испрати барање до Претседателот на Влада на РСМ во надеж за разбирање и поддршка , која е неопходна за опстанок и развој на ветеринарно здравствениот сектор.
П.Ј.