fbpx
ВестиСовети

Наместо на пазар, зеленчук продава преку Фејсбук

„Мене ми е многу поедноставно и поисплатливо да ја соберам неделната нарачка за сите купувачи и да извршам достава во еден ден, отколку секојдневно да одам на пазар“, вели Даниел Ткалец, објаснувајќи ја предноста на продажбата преку Фејсбук.

Покрај постојаната работа во една приватна фирма, Даниел Ткалац (28), по професија трговец, секој момент од своето слободно време го посветува на оваа работа која најмногу ја сака – работа на имотот кој го наследил од своите дедо и баба во соседна Хрватска. Нив, како што вели, секојдневно им помагал уште од мали нозе, а со тоа како дете ја засакал работата на земјата.

„Моите дедо и баба цел живот, покрај земја, имаа и свињи и крави, се до пред четири години, кога поради болест и старост, беа принудени да ја продадат стоката, со што велат заврши најубавиот период од нивниот живот. Така својата љубов кон земјата од која живееја, ја пренесоа и на мене, така што одлучив да продолжам со она што го започнаа. Имав доста предност на самиот почеток – сопствена земја и механизација, ми требаше само уште добра волја и верба, покрај работата да се зафатам и со земјоделството. Почнав со набавка на прасиња, дел ги оставив за расплод, дел ги гоев за следната зима, а таа прва година истовремено започнав и со одгледување на пилиња. Почетокот беше тежок – просторот кој го имавме не беше адекватен, а најголем проблем ми беше тоа што немав пазар за пласман на своите производи, поради што неизвесноста и стравот од неуспех беа големи“, се присетува Даниел на својот почеток пред четири години.

Социјалните мрежи се покажаа како светло на крајот од тунелот

Своите први купувачи, Даниел ги нашол по пат на огласување на своите производи во продажните групи на Фејсбук. Благодарение на препораките од задоволните купувачи, мрежата на нови купувачи, почнала да се зголемува, од ден на ден. Паралелно со тоа, се зголемувал и приходот на неговото стопанство, а првата заработувачка веднаш ја вложил во простор за тов – поставил големи висечки хранилици, во должина на целиот простор ставил нипл полици, а капацитетот на товиштето го зголемил на 200 парчиња по турнус.

Со механизацијата Даниел на почетокот бил во предност:

„После првата година, во која го скршив мразот, веќе следната почнав да се занимавам и со градинарство. Прво буквално одгледував сешто, но сега се определив за два до три видови насади. Го садам само она за што имам обезбеден откуп. Како релативно мал производител, немам капацитет да ги задоволам потребите на големите трговски куќи, така што своите прооизводи ги продавам сам и тоа исклучиво преку социјалните мрежи, а кога ќе ги соберам нарачките, сам им ги доставувам на врата на своите купувачи. Благодарение на таквиот директен контакт во овие четири години, многу мои постојани купувачи, станаа дел од нашето семејство“, вели Даниел кој моментално обработува пет хектари земја, а ветер во грб му е, вели поттикот кој го добива на вкупно обработената површина.

 

Поради брзорастечката продажба на социјалните мрежи побарувачката ја надминала понудата

Купувањето преку интернет и социјалните мрежи, последните години стана глобален тренд, затоа што поради забрзаниот начин на живот, на многумина попрактично им е набавката да ја извршат преку интернет, како и да ја преземат нарачаната роба на куќниот праг, без губење време на одење на пазарење. Токму тој тренд, Даниел вешто го искористил за продажба на производите од својот имот, што се покажало како полн погодок, затоа што само за четири години, побарувачката ја надминала понудата.

Добрата комуникација со купувачите е клучна

Истакнува дека, кај продажбата во која нема директен „жив“ контакт, најважно е да се изгради, а потоа и задржи довербата продавач – купувач.

„Како продавач, за да ја добиете довербата од купувачите, мора да стоите зад секој свој производ, кој секогаш мора да биде гаранција за квалитет. Многу е важно и да се почитуваат договорените рокови за достава. Понатаму, клучна е и добрата комуникација со купувачите, како и флексибилноста во доставата на производите на вратата на секој купувач. Се тоа, повеќекратно ќе ви се исплати, затоа што предноста на продажбата преку социјалните мрежи, пред класичната продажа на пазар, е далеку поголема. Со самото тоа што вашата понуда ќе ја видат многу голем број на луѓе, уште на почеток имате голем пазар, а секој задоволен купувач, кој освен усни препораки, ќе напише и позитивен коментар, значи уште неколку нови купувачи, а со тоа и побарувачката за производите се зголемува со голема брзина“, појаснува младиот земјоделец.

Продажбата „од фотелја“ е поефикасна

Во секој оглас има наведено во кои денови ќе се изврши доставата и на кои адреси, што на купувачите им овозможува сами да ги одберат термините кои најмногу им одговараат. Освен што им заштедува време на купувачите, кои не мораат често да одат на пазар или да стојат во редовите во трговските центри, продажбата преку социјалните мрежи, тврди Даниел и на производителите им заштедува драгоцено време.

„Сметам дека продажбата преку социјалните мрежи е иднина, затоа што низ практични причини, донесува намалување на трошоците и значајна заштеда. Конкретно, мене ми е многу поедноставно и поисплатливо да ја соберам неделната нарачка за сите купувачи и да извршам достава во еден ден, отколку секојдневно да одам на пазар, што освен што бара време, значи и низа дополнителни трошоци, од наем на вага, плаќање тезга и слично. Голема предност на продажбата преку Фејсбук е и тоа што времето кое би се потрошило на продажба на пазар, сега можам да го искористам за работа на својот имот. Кога би требало секојдневно да одам на пазар, тогаш би морал или да ја оставам сегашната работа во фирмата или да вработам човек кој би ги извршувал работите на мојот имот, а вака благодарение на предностите на современата технологија, можам сам да ги извршувам двете работи“, вели Даниел кој направил успешно поврзување на знаењето и вештините на трговец и земјоделец.

 

 

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close