Лесно расиплива храна, особено месо, јајца, млечни производи и преработки, не смеат да се продаваат на отворено на зелените пазари. И покрај предупредувањата од Агенцијата за храна и ветеринарство и лекарите, граѓаните во овој период од годината да не купуваат храна која е чувана и се продава во небезбедни услови, на пазарите деновиве има храна од животинско потекло што стои и се продава на отворено.
Јајца, риби, колбаси или сирење, смрзнато или свежо месо им се нудат на купувачите, без да бидат исполнети услови за транспорт и чување на лесно расиплива храна во студен синџир. Оваа храна е сериозна закана за здравјето на луѓето, особено во периодот кога високите температури дополнително влијаат на нејзиното брзо расипување, без разлика на рокот за употреба што го одобрува производителот. Резултат на тоа се честите цревни инфекции, карактеристични за овој период.
Поради тоа од Агенцијата за храна апелираат граѓаните да купуваат месо, производи и преработки од месо, млеко и преработки од млеко и други производи од животинско потекло од маркетите, каде што се исполнети условите за безбедност на храната.
„Не смее да има храна од животинско потекло на тезгите во зелените пазари. Објектите каде што таа треба да се продава, а се наоѓаат во рамки на зелените пазари, задолжително треба да имаат разладни витрини, фрижидери и комори и храната да се чува на соодветна температура. При купувањето храна, од страна на потрошувачите, треба да се да се обрне внимание и на соодветното декларирање на производите. Исклучително е важно и како се чуваат производите во домашни услови, каде што задолжително треба да стојат во фрижидер“, посочуваат од Агенцијата.
Најдобро е во летниот период да се храниме дома, со добро термички обработена храна, а свежото овошје и зеленчук темелно да се мијат, советуваат лекарите и препорачуваат брзата храна што повеќе да се избегнува.
Агенцијата за храна деновиве, освен редовните, спроведува и вонредни контроли, не само на зелените пазари, туку и во угостителските објекти, хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, млечни ресторани, гостилници, сендвичарници и во детски одморалишта. Инспекциските служби од почетокот на годинава, заклучно до крајот на мај, извршиле вкупно 4.024 контроли и во кланици, млекарници и мандри, капацитети за преработка на месо, во складови и ладилници, собирни центри за јајца, капацитети за пакување мед, малопродажни објекти, оператори со храна за животни, веледрогерии и ветеринарни друштва. Се контролирало потеклото на храната, начинот на чување, личната хигиена на вработените, како и хигиената на објектите, рокот на употреба на производите…
„Констатираните недоследности се од помал обем и се однесуваат на условите за чување и за манипулација на храна од животинско потекло, нечитлива декларација на производите, продажба на производи со поминат рок, неажурирање на записите и други помали отстапувања за што се донесени 295 решенија, издадени се 41 покана за едукација на операторите и изречени се 20 парични казни. Инспекторите процениле дека 54.268 килограми храна се небезбедни и тие биле уништени. Истовремено, операторите со храна, врз основа на НАССР-системот, самите во истиот тој период уништиле 35.236 килограми небезбедна храна“, информираат од Агенцијата.
I like this blog very much, Its a rattling nice position to
read and incur information.Raise range