fbpx
ВестиМакедонијаМеханизацијаТоп вести

Васко Ѓоргиев-Успешна сезона е кога земјоделецот ќе купи нова опрема

„Зелена берза“ го посети Ѓоргиев на неговите земјоделски површини каде производната сезона ја почна со садење кромид со нова италијанска машина набавена од „Синпекс“-Битола.

Гевгелиско-Миравци

Земјоделието е дејност која бара голема посветеност. Тешкотиите и проблемите со кои се соочуваат земјоделците се големи, но само со квалитетен и со помалку трошоци произведен производ може да се опстане. Васко Ѓоргиев од селото Миравци, Гевгелија, е 50 годишен земјоделец, цел живот е во земјоделие и на себе ги почувствувал сите добри и лоши страни на аграрот. Вели дека е тешко, но земјоделието е дејност што не може туку така да се напушти. Секогаш се бара начин за повеќе и поубаво. Свесен е дека мора да ги следи новините и колку што може да ги применува во своето производство. Располага со 3 хектари земјоделска површина и на неа одгледува калинки, грозје, зелка, морков, кромид, бостан, култури што на тоа поднебје најмногу успеваат. „Зелена берза“ го посети на површината каде му е планирано да сади кромид. Веднаш се забележа дека почвата добро ја подготвил, а на тракторот веќе ја приклучил новата машина за садење кромид Agrikola SN 2 -130, набавена од „Синпекс“ Битола. Земјоделската опрема е од голема важност за развојот на земјоделецот, смета нашиот соговорник.

-Многу  ми значи оваа машина, таа заменува 20 лица. Со неа  ќе ја насадам нивата за еден ден. Рачно дваесет луѓе не можат да ја посеат за еден ден, потребно е барем неколку дена. Освен за кромид оваа машина ќе може да ја користам и за садење на  други култури, како морков, зелка, лук, вели Васко.

Нашиот земјоделец машината ја видел при посета на саем за земјоделство во Бари, Италија и веднаш побарал дистрибутер кој може да му ја донесе. Задоволен е што „Синпекс“- Битола успеа во тоа и сега не само што ќе му се олесни работата, туку ќе може да се надева и на поголем приход. Станува збор за четири редна, повеќе наменска садачка  со која ќе може да сее, сади и да ги наѓубрува посевите.

Васко е член и на Земјоделската задруга „Петрушка Река“ во Миравци со што може да ги користи и бенефитите од здружувањето.

-Наводнувањето е многу важно, а преку членувањето во ЗЗ „Петрушка Река“  можам да го користам системот за наводнување со кој управува оваа задруга и да ги користам бенефитите што ми се нудат. Во моментот веднаш по ставањето на семето во почвата потребно е да се испрска со вода за да може да има правилен развој, објаснува Ѓоргиев.

Пласманот на земјоделските производи е најголемата мака на земјоделците

Васко вели дека во неговиот реон има земјоделци кои не успеале да го допродадат ланскиот кромид, а сега е сезона кога има најразлични градинарски производи што треба да се продадат.

-Мака мачиме со пласманот. Се снаоѓаме некако, “партизански“, низ шега објаснува нашиот земјоделец.

Од пласманот зависи каква ќе биде сезоната, а Васко смета државата треба да стави рака на тој проблем.

-Јас само што завршив со продажбата на бостанот, но мислам дека повеќе имав среќа. Успеав да го продадам и задоволен сум од постигнатото. Овде има луѓе што имаат уште од ланскиот кромид. Од пласманот најмногу зависи каква ќе биде сезоната, а тоа е најтешко и не зависи од нас. Мислам дека државата на овој план треба да помогне, додава Васко.

Според него иако на ова поднебје успеваат повеќе култури сепак тој во идниот период  ќе се насочи на кромидот.

-Овде атрактивни се калинките, но што и да е, треба да биде застапено на голема површина за да биде исплатливо. Задоволен сум од бостанот, но во иднина ќе продолжам со кромидот за што и ја купив садачката, се надевам дека ќе ми се исплати, вели Ѓоргиев.

Сезонски работници се проблем и за земјоделците од Гевгелиско, па Васко низ шега дофрла „она што не може да се реши со пари, се решава со многу пари“.

Павлина Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close