Не може сите да седат по канцеларии, некој треба и за мотика да се фати
До кога македонското земјоделство ќе издржи без подмладок?
Фактот дека возрасната структура на работната сила во земјоделскиот сектор е во најголема мера над 50 години, оценката е дека тоа е крајно неповолна состојба за какви било развојни перспективи. Воедно, тоа го наметнува и прашањето дали постојат и какви се плановите за „подмладување“, како и до кога ќе „издржи“ македонското земјоделство, доколку не се преземат мерки за подмладување и нова работна сила.
„Преку надополнување на приходите на земјоделците и одржување на земјоделското производство, директните плаќања влијаат и на обезбедувањето социјална стабилност на руралното население, особено она што живее во подрачја со природни ограничености.
Образовниот систем во земјоделството го сочинуваат средните земјоделски училишта и високообразовните институции. Високото образование од областа на земјоделските науки, шумарството, дрвната индустрија, ветеринарната медицина и прехранбените технологии се многу значајни преку своите студиски програми да ги мотивираат младите да се занимаваат со гранки што порано беа многу почитувани и барани. Земјоделскиот факултет заедно со Финки минатата година отвори студиска програма – Дигитално земјоделство, која беше позитивно поздравена од нашето министерство“, велат од Министерството.
Високообразованите земјоделци професионалната перспектива ја гледаат во други сектори
Постои една дополнителна „контроверзност“ во предизвикот за подмладување на работната сила во земјоделскиот сектор. Многу вообичаено во македонското општество е дури и оние млади што имаат стекнато високо образование на факултетите соодветни за работа во земјоделскиот сектор својата професионална перспектива да ја гледаат во некои други економски сектори, а знаењето стекнато од студиите да им биде само запишано во дипломите, повеќе како административна потврда за степен на високо образование.
Јована Манева од Скопје, дипломирана инженерка по земјоделство на Земјоделскиот факултет при УКИМ, иако имала можности да го примени во практика своето стекнато знаење и да „работи по струка“, сепак одлучила професионално да се реализира во друг сектор.
„Додека сѐ уште бев студентка, почнав да работам во секторот транспорт, бидејќи од секогаш повеќе ми беше предизвикувачки транспортот и логистиката, поради постојаните трендови во тој сектор. Исто така, во овој сектор не е потребно големо предзнаење кога се почнува, за разлика од земјоделството. Па затоа и се одлучив да продолжам понатаму да се занимавам со транспорт и логистика и откако дипломирав на Земјоделскиот факултет“, искрено признава 28-годишната Јована.
Сепак, и покрај тоа што не работи активно во секторот за кој се образувала, Јована Манева смета дека „работната сила во земјоделството би се обезбедила кога државата би понудила поволни мерки за стартување во секторот“.
„Планот за подмладување во секторот веројатно би се зголемил, како што напоменав со поволни мерки, кои вклучуваат: организиран откуп со високи цени, субвенции за млад земјоделец, кои опфаќаат како одредена сума пари за почнување бизнис, доделување земјоделски машини без никаква доплата во првите години.
Жените повеќе и поактивно би се вклучиле во секторот кога би се обезбедиле услови за олеснување на домашните работи, како и целосна механизација при работата во земјоделството“, се согледувањата на Јована за предизвиците со работната сила во земјоделството.
Не може сите да седат по канцеларии да седат, некој треба и за мотика да се фати
Практиката во реалноста на оние што живеат од обработка на земјата пак покажува дека можноста што ја имаат од државата да го регулираат својот статус како индивидуални земјоделци, не е сосема идеално решение и исплатлива „инвестиција“ за нив.
„Како земјоделец кој обработува различни култури повеќе од 30 години сакам да го споделам ставот дека ако ги пресметате парите кои ги давате на почетокот на сезоната за да посадите и произведете и она што треба да го извадите со продажбата на производите, воопшто не е исплатливо да се регистрирате бидејќи ќе работите од тоа за тоа и ништо нема да ви остане. Потребни се семиња, препарати за прскање на производите како заштита од инсекти, најлони… а сето тоа чини доста, а особено откако цените и во земјоделските аптеки се покачени. Сепак работиме и за себе да јадеме здрави производи, но и за заработка која без да се пријавиме е минимална, а ако се регистрираме ќе биде дека нашата мака ќе ја јаде државата. Не знам дали луѓето се свесни дека ние земјоделците заработуваме скромно од производство, а сме повеќе од потребни во ова време кога никој веќе не сака да се фати за мотика. Сите сакаат да седат по канцеларии, а да јадат здраво. Тоа не е возможно. Кога нашите генерации ќе отидат, бидејќи поголемиот дел сме веќе пензионери, ќе нема кој да ја продолжи да работи и да произведува здрава наша исхрана. Е тогаш можеби ќе сфатат сите колкава вредност имаме ние земјоделците, кога ќе немаме производство и ќе се јаде сè увезено“, вели земјоделец од Скопско кој не е регистриран како индивидувален земјоделец.
Извор mkd.mk