fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Ангела Јовановиќ од Тимјаник го прави најдобриот маџун во Тиквешијата

Маџунот – македонска традиција, природен лек за болните и еликсир за здравите

Производството на маџун е традиција во Тиквешијата, која многу семејства сè уште ја негуваат. Многумина го произведуваат за сопствени потреби, но и за продажба, бидејќи луѓето сè повеќе го бараат на пазарот. Освен како засладувач во секојдневната исхрана, маџунот се користи и како лек за многу болести. Во Тиквешијата е позната изреката дека маџунот направен од бело грозје е храна, а од црвено грозје е лек. Младата Ангела Јовановиќ од с. Тимјаник, Неготинско, е една од оние што продолжиле да ја негуваат оваа традиција на производство на маџун. Пред две години, откако дипломирала на Факултетот за земјоделски науки и храна, решила да започне со производство на маџун и да му даде дополнителна вредност на грозјето.

– Одамна се занимаваме со лозарство, тоа е традиција во моето семејство. Откако дипломирав, дојдов до идеја и јас да почнам да се занимавам со производство на маџун. Пред две години, почнав со производство и првата година произведов 1.500 литри, а годинава 2.500 литри маџун. За маџунот многу е важна сортата на грозје од која се прави, колку што е поблаго грозјето, со повисоки шеќерни единици, толку повеќе ќе протече маџун. Постапката е едноставна, најпрво грозјето се пресува за да се добие сок, односно шира, потоа се процедува повеќе пати за да се избистри и се става да се вари 48 часа за да се добие густина од 90 отсто. Маџунот е густ како сируп и уште го нарекуваат „гроздов слад“. Поради тоа, сè почесто се користи како засладувач и како замена за белиот шеќер, кој е штетен – вели Ангела.

Пред да почне да го произведува, посетувала обука за производство во дупликатор – апарат за производство на маџун кој, преку Националната федерација на фармери, го добиле сите членки на Здружението „Шира“.https://www.vecer.press/

– Ова беше големо финансиско олеснување како за мене така и за сите други членки на Здружението. Претходно, маџунот го подготвувале во обични казани за варење ракија. Сега, со помош на дупликаторот, процесот е посовремен и поедноставен. Маџунот е 100 отсто природен производ и нема вештачки додатоци – боја, арома, шеќер… Освен во секојдневната исхрана како засладувач и замена за шеќерот, се користи и како лек за разни болести – објаснува нашата соговорничка.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close