ВестиЕкологијаМакедонијаРурален туризамРурална ЖенаТоп вести

Небрегово се уште гордо им пркоси на сите предизвици на денешницата, но жителите бараат поголема помош од државата

Мештаните велат дека е потребна поголема помош од државата за овие рурални краеви, бидејќи и покрај големата желба да се остане дома, понекогаш лошите услови за живот, како и недоволно платениот труд во земјоделието се една од најголемите причини да се напушти село.

Небрегово, селото на еден од најпознатите Македонци на 20 век – Блаже Конески, кодификаторот на современиот македонски јазик, азбука и правопис.

Селото се наоѓа на 18 км од Прилеп, но територијално припаѓа на Општина Долнени. Денес тоа донекаде може да се рече дека е живо село, има околу 130 до 140 жители кои претежно се занимаваат со земјоделие. Главна гранка секако е одгледувањето на тутунот. Орде Павлески е еден од помладите жители кои останале тука и не се преселиле во поголемите градски средини или не заминале во странство. Тие се тричлено семејство кое се занимава претежно со тутунопроизводство. Оваа година има околу 3 тони тутун, но вели дека цената е катастрофална.

-Во селото има останато уште околу 130 до 140 жители. Најголемиот дел се занимаваат со земјоделие, каде предничи тутунот. Но, тешко се живее, еве сами гледате дека тутунот воопшто годинава не оди и сега не знам како ќе се помине оваа година. Јас планирам да имам околу 3 тони, а живееме претежно само од тутунот. Како понатаму не знам, вели разочарано Павлески.

Петре Досијаноски е по потекло од селото Црешнево, од Поречието, но повеќе години живее во Небрегово, затоа што сопругата му е од тука. Со смеа и шега вели од каде ти е жената, од таму ти е и магарето. И Досијаноски како и Павлески се пожали на тоа дека тутунот оваа година слабо се плаќа. Обвини и тоа дека државата цели 30 години нема направено ништо за да се подобри животот на земјоделецот и селанецот.

-Селото си е арно, ама власта го ограбува народот еве 30 години. Не може да има држава со арамилаци. Никој не одговарал за ништо досега. Еве ние селаните плаќаме даноци, а што има држава направено за селата? Ништо! Јас работев неколку години во Германија, таму во селата поубаво се живее од градот. Земјоделецот таму е ценет и платен, а кај нас земјоделецот е нула. Еве, последен пример со тутунот. Ова е вистинска катастрофа што се случува. Се откупува за џабе. И како да живееме ние сега, од што?, револтирано запраша Досијаноски.

Мал дел од жителите на селото освен со тутунопроизводство се занимаваат и со сточарство. Новица Јорданоски е исто така еден од помладите жители во селото кој решил да не се исели и да егзистира во своето родно огниште. Но, како што и самиот вели секоја година било се полошо и полошо. И тој е исто разочаран од тоа како стојат работите со пласманот и откупот на земјоделските и сточарските производи.

-Ни земјоделие оди, ниту пак сточарство оди. Не е платено ништо, тутунот оди бадијала, јагнето бетер и тешко на земјоделецот. Јас садам тутун, имам околу 3 тони годинава, исто така имам 150 овци и околу 200 јагниња годишно вадам. Ама пак не се врзува крај со крај. Јагнето за Велигден ни го зедоа по само 100 денари за килограм, сега за Новогодишните празници се покачи малку на 150 денари за килограм, но се што е под 200 денари не е рентабилно. Има големи трошоци за одгледувањето на овците: билки, овчари, пашарина да платиш, даноци… во загуба само одиме. Тутунот годинава само трета и четврта класа се цени, 120 денари за килограм му доаѓа некаде. И затоа после има миграција, ништо не се плаќа, затоа бегаат луѓето во град. Ќе оди да работи за 300 евра плата по фабриките и барем вака нема да се мачи, додава Јорданоски.

Освен што се занимаваат со тутунопроизводство и сточарство 13 жители од селото работат и во околните рудници за мермер. Два од рудниците се грчки инвестиции, а еден рудник е во сопственост на турски бизнисмен.

Во селото функционира и основното подрачно училиште „Пере Тошев“ кое има 11 ученици, во комбинирана паралелка од 4 одделенија, каде пак има две првачиња, второодделенци нема годинава, три ученици учат во трето одделение, во четврто одделение има пет и еден ученик е во петто одделение.

-Со оглед на ситуацијата сите на училиште нормално доаѓаме со маски. Седиме на растојание и ги почитуваме протоколите. Училницата каде што сме сега е поделена на 2 дела, имаме помала и поголема училница. Тука условите беа катастрофални за работа. Јас предавам 25 години во училиштето, 22 години ги поминав во премногу лоши услови. Но, од 24 јануари 2018 година тие се подобрија, се реновираше училиштето каде немаше направено буквално ништо повеќе од 60 години. Училницата сега е опремена со сите потребни работи и средства за учење и настава, вели наставничката Јадранка Стојаноска- Николоска.

Родната куќа на Блаже Конески е Спомен дом

Во селото се наоѓа и Спомен домот на Блаже Конески. Неговата родна куќа е реконструирана и официјално пуштена во употреба како музеј на 1 август 2005 година. Главен иницијатор за изградба на овој Спомен дом е прилепчанецот Миле Спирковски. Куќата во изминатиов период е посетувана од голем број посетители како од земјава така и од странство, но Спиркоски вели дека таа не е на задоволително ниво. Според него државата треба да донесе решение со кое за основните и средни училишните ќе се воведат задолжителни екскурзии до Небрегово. Пример кој го спроведуваат сите држави, кога станува збор за модерните кодификатори на нивните јазици.

-Познатиот славист и професор Виктор Фридман вели лингвистичките трудови на Конески се основа за секој славист. Конески ги покажа особеностите кои македонскиот јазик како посебен го разликуваат од соседните и другите јазици. Тој го остави тестаментот дека јазикот е нашата најголема татковина. Небрежанецот Конески е лична карта на Македонија, оти до неговата појава на неговите сонародници му е велено дека се де Срби, де Бугари. Но иако станува збор за еден од најголемите Македонци, иако Спомен куќата на Блаже Конески е посетувана како од посетители од Македонија така и од странство, сепак таа морам да бидам искрен треба најмногу да биде посетена од учениците во основните и средните училишта. На жалост проблем беше патот, но патот веќе еве 4 години е преубав, реконструиран, посетата искрено кажано пак не е на тоа задоволително ниво на кое што треба да биди, истакна Миле Спирковски, водич во Куќата на Блаже Конески.

Како што Конески им пркосел и го бранел македонскиот јазик од сите оние кои биле против него, така и селото Небрегово се уште гордо им пркоси на сите предизвици на денешнината. Тоа и покрај се опстојува и е живо село. Има училиште, функционира црквата и пред се има луѓе кои си го сакаат родното огниште.

Но, велат дека е потребна поголема помош од државата за овие рурални краеви, бидејќи и покрај големата желба да се остане дома, понекогаш лошите услови за живот, како и недоволно платениот труд во земјоделието се една од најголемите причини да се напушти село и да се замине засекогаш од тука.

 

Дарко Штаргоски за Зелена берза

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close