За „Факултети“ одговара редовниот професор д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје.
Дали македонското земјоделство може да ги задоволи потребите на населението или треба да се преструктурира?
– Последниве месеци земјоделството особено добива на актуелност, па може да се проследат повеќе теми во кои доминира тоа прашање, на кое не може да се одговори едноставно: „може“ или „не може“, со оглед дека одговорот мора да произлезе како резултат на сериозни анализи и изготвување стратегија за обезбедување со основните прехранбени производи.
Во овој момент Македонија е увозно зависна речиси за сите основни прехранбени производи, а со оглед дека во земјоделството нема брзи решенија, увозот на овие производи ќе продолжи и во наредниот период. Главните пазари од каде што се увезуваат овие производи се оние во регионот (Србија, Хрватска, Унгарија, Бугарија), со што во актуелната состојба ја избегнуваме директната зависност од големите производители и снабдувачи на светскиот пазар – Русија и Украина и опасноста да не можеме да ги обезбедиме овие производи. Доколку состојбите се нормализираат и пазарот слободно функционира, снабдувањето на македонскиот пазар ќе се одвива без проблеми. Меѓутоа, во услови кога настануваат кризи, државите често влијаат врз пазарите, пред сѐ, поради напорите за обезбедување на сопственото население со храна. Така се применува забрана за извоз на овие производи, што се случува сега со забраната за извозот од Србија (особено со сончогледовото масло), што доведува до недостиг на пазарот.
Кои се нашите слабости и кои се причините за состојбата во која се наоѓа земјоделството денес?
– Македонското земјоделство се наоѓа во состојба да не може да ги произведе овие основни производи поради комбинација од повеќе фактори и причини, кои доведоа до неговите слабости. Две групи причини и фактори предизвикаа долгогодишни неповолни трендови, и тоа: климатските фактори и општествено-економските фактори и процеси во минатото. Основната слабост произлегува од неповолната структура, односно од организациската структура на производните субјекти. Таа структура ја сочинуваат 178.125 земјоделски стопанства, од кои само 280 се деловни субјекти (трговски друштва), а преостанатите се семејни земјоделски стопанства. Оваа структура е со многу мал посед од само 1,8 хектар, што е поделен на повеќе парцели, а повеќе од 60% од овие стопанства поседуваат површина до 1 хектар. Со ваков земјишен посед не е можно да се обезбеди т.н. „економија на големина“, а особено во производството на основните прехранбени производи (пченица, пченка, сончоглед, јачмен како добиточна храна). Овие стопанства поседуваат во просек по 2,14 добиточни единици, а просечно по земјоделско стопанство се ангажирани 2,5 лица, што укажува на висока трудоинтензивност. Сето ова доведува овие стопанства да функционираат на границата на одржливост што предизвикува напуштање на секторот, особено од страна на младите, со што постепено се напушта основниот производен ресурс – земјоделското земјиште. Според структурните истражувања од 2016 година, сите земјоделски стопанства обработувале само 320.738 ha, што претставува половина од тоа што се користело во 90-тите години на минатиот век. Неповолните движења на пазарот, каде што земјоделците немаат пазарна моќ во однос на трговците/преработувачите, при што тие не можат да ги постигнат посакуваните цени, доведува до неможност за обезбедување соодветен доход и намалена можност за инвестирање и зајакнување на продуктивноста и конкурентноста. Од друга страна, цените на инпутите растат со повисоки стапки од тие на аутпутите во земјоделството, што дополнително ја влошуваа материјалната состојба на земјоделците.
Врз денешната состојба, лошата структура, недоволната искористеност на земјоделското земјиште и намаленото производство силно влијание и остави последици процесот на приватизација на општествениот капитал од средината на 90-тите години на минатиот век, во кој процес се загубија големите производни системи – земјоделските комбинати, кои беа хоризонтално и вертикално поврзани во репроцелини; кои користеа големи и уредени земјишни парцели каде што ефикасно се користи механизацијата; со крупни сточарски фарми; и целокупното производство го наменуваа за пазар. Во овие системи беа применувани современи технологии и научни достигнувања, а значаен дел од вработените беа стручни лица: дипломирани земјоделски инженери и техничари, како и други високостручни кадри. Во самиот процес на приватизација дел од преработувачките капацитети беа издвоени од примарното производство, а во текот на годините самите тие ги прекинаа кооперативните односи со примарното производство, со што кај некои производства целосно замре примарното производство (на пр., на шеќерната репка). Повеќе на
https://www.fakulteti.mk/news/29042022/nedostigot-na-hrana-e-predizvik-za-makedonija-i-za-svetot-smeta-prof-d-r-dragi-dimitrievski