fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Недостигот од квалитетен семенски материјал за сеидбата на оризот станува сериозен проблем

Почна сеидбата на ориз во кочанско со старите проблеми. Недостига квалитетно семе а имаме институт кој со години произведуваше семе за ориз за цела поранешна Југославија. Со мала помош во технички кадар овој проблем може да се надмине.

 

На големо почнува пролетната сеидба на оризот во кочанскиот регион. Први со сеидбата започнаа земјоделците чии ниви се во така наречената погорна зона односно се блиску до каналот кој ја носи водата од бранат Калиманци но и земјоделците чии ниви се во близина на реките од каде со зафати ги полнат нивите со вода и ги заезеруваат што е првиот и најважен услов да може да започне сеидбата. Годинава со сеидбата се тргна и нешто порано од вообичаеното за да се зафати што повеќе вода од реките и водотеците бидејќи годинава карактеристична беше драстичната зимска и есенска суша која не ја наполни доволно браната Калиманци. Единствено позитивни беа пролетните обилни врнежи кои помогнаа во многу да се смени сликата со водоснабдувањето што придонесе и да се ревидира претходно скратениот план па да се додадат дополнителни површини кои ќе бидат оваа година опфатени со вода и каде ќе може да се сее ориз. Порано го имало на повеќе од 10 илјади хектари последниве години бројката се движи на околу 4 до 5 илјади хектари а пред две години заради сушата ориз мораше да се сее само на 2500 хектари.

-Во моментов во акумулацијата Калиманци има 75 милиони метри кубни вода односно браната е нешто повеќе од 60% полна па затоа планот предвидува сеидба на 3200 хектари под ориз оваа сезона. Досега со вода се наполнети околу 30 до 40% од оризовите полиња и очекуваме за недела две да бидат сите 3200 хектари со вода. Останува апелот до сите земјоделци рационално да ја користат водата и максимално да ја штедат рече Дени Митров директорот на водостопанство Брегалница од Кочани.

Водата и климатските услови се лимитирачки фактор колку ориз ќе може да се произведе на кои не можеме многу да делуваме но затоа пак колкави ќе бидат приносите и со каков квалитет односно каков ќе биде рандманот при белењето колку проценти на бел ориз ќе се добие е фактор на кој можеме да делуваме преку употреба на квалитетно семе. Иако државата дава зголемени субвенции за оние кои ќе употребат квалитетно семе сепак за тоа не создава реални услови. Некогашниот институт за ориз кој сега е под земјоделскиот институт со години произведувал доволно семе не само за кочанскиот регион туку за потребате на цела поранешна Југославија и заедно со тутунот биле единствените култури за кои воопшто немало потреба од увоз на квалитетно семе. Сега од некогашните 28 вработени овој институт има само двајца доктори на науки кои се близу до пензија, кои целосно го имаат познавањето за да го воспостават семе производството на ориз но потребни се нови млади колеги и технички персонал.

-Порано сме произведувале семе за ориз и технологијата не била никогаш проблем. Едно време запре целата работа кога нивите не беа регулирани и бевме избришани од регистарот како производители на семе но сега тие проблеми се надминати и останува само уште да се до екипираме со технички кадар за да има кој да го работи тоа семе производство. Опрема и техника имаме иако застарена сепак со мали корекции ќе може да служи за прво време но без луѓе не можеме ние двајца да произведуваме семе кое ќе биде потребно за целиот регион. Ако се надмине и ова прашање ние ќе произведуваме квалитетен семенски материјал, нема да има потреба од увоз а земјоделците ќе добијат далеку поевтино семе, поквалитетно и со многу повисока класа од она што сега го употребуваат а со тоа ќе им се зголемат приносите, рентабилноста и рандманот при избелувањето во фабриките за ориз. Ние работиме во таа насока е се надеваме дека ќе успееме повторно да произведуваме семе од ориз за нашите земјоделци, рече Добре Андов од земјоделскиот институт – институт за ориз од Кочани.

Реакцијата на државата мора да биде брза. Ако се пропушти периодот и двајцата научни соработници заминат во пензија без да им го пренесат знаењето на помладите оваа голема шанса за земјоделците од целиот регион може неповратно да биде пропуштена. И земјоделците сметаат дека голем проблем е недостигот на квалитетно семе. Она што може малку да се најде е или увезено од Италија или од Турција но и тоа тешко се наоѓа и секогаш е скапо.

-Имам за оваа година семе што го оставив од лани и со тоа ќе сеам но за догодина немам и не знам како ќе се снаоѓам. Многу би ни значело кога институт за ориз би почнал повторно да произведува ориз семенски и дури сметам дека треба да имаме и наша сорта со која сите ние ќе се гордееме а сметам и дека треба да се размисли и да се вратат некогашните сорти кои ги изгубивме како што беа Бисерката, Осоговката, Кочанскиот и слични. Трева да се размисли повторно да се вратат тие сорти и да ги сееме повторно, рече Стојче Ташовски од Облешево.

За важноста од враќање на семе производството во институт за ориз досега имало многу дебати и ветувања. Последната сериозна најава беше од поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски кој при крајот на 2018 година преку проект подржан од европската унија најави дека како дел од системските мерки што ќе се преземаат за оризо производството е поддршката на институтот за ориз каде е констатирана кадровска, техничка и состојба на опремата на едно ниско ниво. Овој институт кој е запоставен според Николовски треба да го најде соодветното место за да има важна улога во враќањето на автохтоните сорти на ориз и зголемената употреба на семенскиот материјал.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close