fbpx
ВестиТоп вести

Недоволна информираност – проблем број еден кај почетниците

Новица Савески  од Кичево е млад земјоделец кој  сакаше своето искуство околу одгледување на лешници да го сподели со читателите на Зелена берза. Долго  размислувал и му требало време  да ги убеди своите најблиски за реализација на својата идеја. На крајот од своите студии по право одлучува да почне нешто сосема спротивно од правото, но исто толку корисно како и правото, а тоа е земјоделството. Одлучил да ја искористи земјата  што ја поседувало семејството.Подигнал насад со лешници, а на тоа многумина гледале со скептицизам. Од првата берба не очекувал  многу, собрал само 60 кг лешници,но затоа пак последната  берба е далеку подобра и  собрал половина тон лешници. Во државата нема откупен центар, но успеал да ги пласира кај трговци што се занимаваат со продажба на лешници.

„ Мојата мајка имаше земја во нејзина сопственост и и’ предложив да започнеме некој бизнис.  Гледајќи ја состојбата во државата ме одвратуваа од мојата идеја, со изговор дека е мачно земјоделието, дека нема да успеам. Јас бев упорен. Интернетот ми беше водечки компас, но теоријата е едно, а праксата друго. Не изгледаше дека е така едноставно како кога ќе слушнеш дека само треба да ги посадиш и ги бериш по 5 години. Воопшто не беше така. Наидував на  проблеми. Многу читав, се информирав,  ми беше потребна стручна помош. Се консултирав со агрономи . Нивната  помош ми беше неопходна, вели Новица кој е носител на проектната идеја  за подигнување на насад со лешници.  Садниците ги засадив на 16 март 2012 година во с. Староец, на површина од 3340м2, во атарот на Кичево. Ова веќе ни е семеен бизнис и во него сме вклучени сите членови од семејтсвото, објаснува Новица“.

Изборот на садници е многу важен. Новица се одлучил за балкански сорти на лешници бидејќи се отпорни и одговараат на нашето поднебје. Се одлучил за Тонда Џентиле Романа, Истарски долг лешник, Халски Џин, Лудолфов, Ламберт…Започнал со инвестиција од 1000 евра со која ги набавил садниците , но тоа не било доволно. Садниците биле сертифицирани за што добивал  субвенции.Вели дека субвенциите многу му помогнале околу покривање на  трошоците за останатите  потреби околу насадот. Вели дека за сега е задоволен и дека инвестицијата му се вратила.

  

На самиот почеток немал никаква механизација, па за сите потребни активности околу орање, фрезирањена почвата , косење, користел услуги  под наем од мештаните во с. Староец. Во прво време наводнувањето го вршел преку бразди, што било многу тешко, неисплатливо и без ефект. Како што успевал да стигне до финансии така и го усовршувал одгледувањето на лешниците. Продолжил и понатаму да се едуцира на ова поле. Од минатата година инсталирал систем за наводнување капка по капка, за што е многу задоволен.  За сега користи  3 резервоари  со вкупен капациет од 3000 л вода . Во план има  од идната година да направи бушотина со што ќе може да ги задоволи целокупните потреби за вода. Исто така  планира  да  ја комплетира останата опрема што му е неопходна за работа.

„Во моментов садниците се во добра кондиција . Снегот и ниските температури нема да им наштетат. Отпорни се  на студ. Ги преземам сите мерки за заштита. Се што е потребно во било кој временски период  го извршувам,“  истакнува Новица.

Сака да продолжи да инвестира во овој бизнис. Смета дека во земјоделието треба да се вложува оти таму е иднината. Вели „ако сакаме да опстанеме мора да работиме и да произведуваме“.

Ги охрабрува сите оние што сакаат, нека  почнат свој  бизнис. Точно е дека треба финансиска поткрепа, но  она што претходно е многу попотребно е информацијата. Тој им порачува на сите пред да излезат на терен  со реализација на некоја идеја добро да се информираат и да се консултираат со стручни лица.

Доколку се има добро разработена идеја и ако истата е пропратена со желба и љубов успехот е неизбежен, посочува Савевски.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close