fbpx
ВестиСоветиТоп вести

Нега на пчели во февруари

 

Во повеќето години, времето во февруари кај нас се подобрува. Заедно со
студените денови, има и такви во кои температурата се зголемува над 10-12°C и
пчелите не само што излегуваат за чистење, туку летаат во текот на целиот ден. Во
такви денови почнуваат да носат и полен од најрано расцутените растенија – кокиче,
леска, кукурек и др. Ова е причина пчелните семејства да преминат од зимски одмор
во активна состојба и да започне одгледување и на леглото.
Која е причината за јајценосење на матицата во семејството и како се регулира
нејзината јајценосна активност? Може ли таа „да одлучува“ од кога да почне, колку да
несе и кога да прекине со полагање на јајца, односно дали матицата управува со
пчелното семејство во текот на годината.

Кај многу луѓе, вклучувајќи и пчелари, е вградено верувањето дека матицата е
главниот раководител на пчелното семејство – таа дава задачи, таа ја распределува
работата итн. Имајќи увид во биолошката карактеристика на пчелното семејство како
целина и во управувањето и функциите на секоја пчела во него, дава можност да се
откријат главните активности во животот и работата на овој сложен и своевиден
организам – пчелно семејство. Истражувањата докажаа дека матицата не раководи со
сложениот и разновиден живот и активностите на пчелното семејство, туку тоа се
пчелите работнички. Целата активност на пчелите во едно пчелно семејство
произлегува од вродените и стекнатите инстинкти на пчелите работнички. Изградбата
на овие толку соодветни инстинкти на пчелите се случува во текот на милиони години
како резултат на прилагодување кон променливите услови на околната средина.
Со промените во оваа средина се променувале и нивните услови за живот. За
да се заштитат од исчезнување, пчелите се менувале и прилагодувале кон
променетите услови. Овие промени во средината и во животот на пчелите се
стекнувале постепено, како што воопшто се одвивал и еволуциониот процес во
природата.
Така, се поставува прашањето кога матицата почнува да несе јајца и кога
запира полагањето јајца? Како најчест лаконски одговор е: кога пчелите „ќе наредат“
да го прави тоа. Но, веднаш се поставува прашањето, како пчелите го прават тоа. Тоа
е суштината на проблемот за регулирање на активностите на матицата, односно на
нејзиното полагање јајца. Ова е тој механизам на поврзаност помеѓу пчелите и
матицата.
Прилагодувајќи се кон условите на средината во која се наоѓаат, пчелите
изградиле многу силен инстинкт, кој им овозможил да опстанат како вид – во текот на
пролетта кога голем број од растенијата цветаат, при топло време, кога им е
овозможено да летаат, тие се во активна (работна) состојба. Во текот на овој период
пчелите се многу активни – ги посетуваат цветовите, собираат од нив нектар и полен,
ги пренесуваат во кошница, вршат преработка на истите и ги конзервираат за нивна
употреба, за период кога во природата веќе нема да има расцутени цветови и тие не
ќе можат да набават храна (нивната природна храна се нектар и полен на
растенијата). При оваа активна работа пчелите трошат и поголеми количини нектар и
полен, за да имаат доволно енергија за извршување на нивните активности. Како
резултат на пообилната исхрана со нектар и полен, им се зајакнува не само
мускулатурата за летање, за носење на товарот, туку им се зголемува активноста на
жлездите со внатрешно лачење кои ги имаат пчелите работнички. Во овие жлезди
спаѓаат жлездите кои се наоѓаат во усната празнина кои лачат матичен млеч.
Особено силно лачат млеч жлездите на младите пчели кои го преработуваат
донесениот нектар и полен. Со млечот од овие жлезди што се лачи само кога пчелите
се во активна состојба, пчелите го регулираат јајценосењето на матицата.
Тоа станува на следниов начин: во периодот кога пчелите се во мирување (во
зима) или кога недостасуваат извори на нектар и полен (наесен по суво лето и сл), од
нивните жлезди не се лачи млеч. Во овој период како пчелите работнички, така и
матицата се хранат само со мед.
Додека матицата се храни со мед (таа сама не може да го користи поленот за
храна), кој сама го презема од ќелиите на саќето, таа не несе јајца. Во медот ги нема
потребните материи, од кои може да се формираат јајца во нејзиното тело. Штом
пчелите преминат во активна состојба за подолго време (2-3 дена), независно од тоа
што го предизвикало ова активирање (топло време – кубето се растура и пчелите
почнуваат да го чистат дното на кошница, да пренесуваат мед од крајните погачи во
центарот на гнездото, или пак од некоја тврда храна – погачи, која бавно се апсорбира
од пчелите), жлездите на пчелите почнуваат да лачат млеч и пчелите веднаш го
даваат на матицата и од хранливите материи што се наоѓаат во него матицата
почнува да несе јајца. Колку повеќе пчели се вклучени во активната работа надвор од
кошницата и внатре во семејството, толку повеќе млеч се излачува и толку повеќе
јајца несе матицата. Кога пчелите ќе преминат во пасивно состојба за неколку дена, се
намалува навлегувањето на храна, престанува лачењето на млеч, матицата почнува
да се храни само со мед и со тоа се намалува, а потоа и целосно се прекинува
несењето на јајца.
Оваа биолошка врска помеѓу активната работа на пчелите, одделувањето на
млеч од нивните жлезди, исхраната на матицата и несењето на јајца од неа, зависи
развојот на самото пчелно семејство. Затоа сосема природно е при топли зими,
матиците да почнат да несат јајца уште во декември. Познавањето на зависноста
помеѓу работата на пчелите и несењето на јајца од матицата му овозможува на
пчеларот активно и компетентно да се меша во животот на пчелното семејство и да ја
регулира јачината на полагањето на јајца на матицата, а со тоа и развојот на пчелното
семејство. Според состојбата на времето во февруари треба да се изврши преглед на
пчелното семејство. Пчеларите треба да ги прегледаат пчелните семејства за да го
утврдат присуството на матица. Од централниот дел на пчелното семејство се
проверува рамка и ако на неа има јајца, ларви и запечатено легло, тоа покажува дека
во ова семејство има матица. Ако рамката нема легло, се вади втора – соседната откај
центарот на гнездото, и се проверува. Ако не се утврди дека има легло во дадено
пчелно семејство, а во другите има, независно од однесувањето на пчелите,
пчеларите треба да стават во средината на гнездото друга рамка земена од друго
пчелно семејство кај која има јајца и млади ларви. По 3-4 дена оваа рамка се
проверува. Ако на неа има изградени матичњаци, тоа покажува дека семејството е без
матица или пак има матица но таа се уште не почнала да несе. Искусни пчелари
лесно можат да откријат според однесувањето на пчелите дали во едно пчелно
семејство има матица или не.
Количината и распределбата на медот во гнездото. Ако има мед по целата
должина од центарот на гнездото до горните делови на питата тоа значи дека
пчелното семејство е обезбедено со храна за неколку недели, дури и во случај да се
намалат температурите во овој период. Кога сепак пчелите се наоѓаат на горниот дел
од питата и во централните пити не се гледаат делови со мед, иако во крајните пити
се гледаат медни површини, ова семејство треба да се смета за необезбедено со
храна. При намалување на температурите под 6-7°С пчелите формираат цврсто кубе
врз леглото во центарот,се оттргнуваат од крајните пити со мед и ако заладувањето
трае повеќе од 4-5 дена, тие не можат да се хранат – медот е далеку и тие умираат од
глад и покрај постоењето на мед во крајните погачи.
Густина на гнездото – покриеност на питите со пчели. Ако нема доволно пчели
на питите гнездото треба да се стесни, така што дел од питите се префрлаат за
преградната даска (питите кои се празни или со малку мед). При зазимување не се
препорачува стеснување со преградна даска освен во случај кога пчелите биле
физолошки истоштени и претрпеле загуби. Сите наоди при прегледот се запишуваат
во евиденција на пчелните семејства. Неправилностите треба да се отстранат на
другиот ден по прегледот, ако пчеларот не успее да го стори тоа уште истиот ден. При
поставена контролна пита проверката се врши по 3-4 дена.
При самиот преглед пчеларот треба да изврши прераспределба на питите со
мед во пчелното семејство, независно од ниските температури или дад даде погачи со
мед од магацин. На обезматичените семејства треба веднаш да им се донесат
матици од резервите. Ако пчеларот не располага со оплодени матици, таквите
семејства треба да се приклучат кон други пчелни семејства – подобро кон послаби, за
да ги зајакнат. Не смее да се потпира на одгледувањето на млада матица. Пчелите
одгледуваат таква матица, но поради недостаток на трутови таа останува неоплодена
независно од соодветните надворешни услови, несе неоплодени јајца, од кои се
одгледуваат само трутови, и семејството по извесно време загинува.
Покрај овие активности пчеларот треба да го подобри температурниот режим
со покривање на горниот дел со платно или со затворање на меѓурамките со летви,
ако тоа не се извршило во текот на зазимувањето.
Пчеларите треба да го надминат стравот од отварање на пчелните семејства
при ниски температури. Кога треба да се спаси смејството од угинување од глад,
пчелното семејство може да се отвори дури и ако температурите се од – 10 до -15°С,
да се поместат крајните 1-2 пити и да се постави пита со отворен мед, претходно
затоплен или со топол шеќерен сируп.
Во текот на месец февруари пчеларот треба да заврши со ремонтот на
инвентарот кој ќе го користи во текот на сезоната, да постави жица на рамките,
повторно да ги прегледа питите што ги извадил претходната есен и ако има оштетени
да ги оддели за топење.

АПРЗ

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close