
Нема да дозволиме програмите за земјоделците да се кројат зад затворени врати, велат од Независната земјоделска мрежа
НЗМ се враќа на терен со полн капацитет и ги активира сите свои механизми за заштита на земјоделците.
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
НЗМ ОФИЦИЈАЛНО ГО ПРЕКИНУВА МОРАТОРИУМОТ
ВРЕМЕ Е ЗА АКЦИЈА И ОДГОВОРНОСТ!
Почитувани земјоделски производители, членови на НЗМ, почитувани преставници на медиумите претставници на институциите и надлежните органи,
Националната земјоделска мрежа официјално го прекинува мораториумот!
Оваа одлука, донесена едногласно од нашето членство, е директен одговор и израз на оправдан револт поради континуираниот игнорантски однос на институциите кон барањата на НЗМ и кон маката на сите македонски земјоделски производители.
Од овој момент, НЗМ се враќа на терен со полн капацитет и ги активира сите свои механизми за заштита на земјоделците.
Сакаме да ја информираме пошироката јавност и сите колеги земјоделци дека на неодамнешната конференција во Штип, организирана од Канцеларијата на ЕУ, на која се презентираше напредокот на Р. Македонија, официјално беше потврдено она на што НЗМ постојано предупредува: најмал напредок државата бележи токму во Кластерот 5 – Земјоделство.
На оваа конференција, НЗМ јасно и гласно ја изнесе реалната слика со која секојдневно се соочуваат производителите.
Упативме отворена и директна критика дека европските политики кон нас се сведуваат на декларативни заложби, наместо на вистинска и конкретна поддршка.
Додека земјоделците во соседството добиваат милијарди евра за развој – 1,8 милијарди евра за Бугарија и 3,6 милијарди евра за Грција – за македонскиот земјоделец и оние скромни неколку десетици милиони евра од ИПАРД програмата се стопирани на неодреден период.
Истовремено, во фаза на подготовка е новата Национална програма за директна поддршка.
Порачуваме јасно НЗМ нема да дозволи програми да се кројат зад затворени врати, без гласот на оние што ја обработуваат земјата.
Бараме и очекуваме итно и активно вклучување на НЗМ во сите сегменти од нејзиното креирање, со наши конкретни и издржани предлози.
Ова е последен повик до надлежните институции: сфатете ја сериозноста на оваа порака и итноста за решавање на наталожените проблеми.
Времето за празни ветувања истече.
Доколку повторно наидеме на затворени врати и игнорирање, НЗМ ќе ги искористи сите законски и демократски средства и ќе организира широк, обединет фронт на отпор против ваквите девијантни и погубни политики кои го уништуваат домашното земјоделско производство.
До сите земјоделци во државата: останете сплотени, борбата за нашето достоинство и егзистенција продолжува уште посилно!
Со почит,
Управен одбор на Национална земјоделска мрежа (НЗМ)




