fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Неповратен грант од 10.000 евра добија 59 мали семејни винарии

Ние сме на иста страна, имаме иста цел, стабилен сектор, помали трошоци, поголем профит, повеќе инвестиции, но и препознатливост на македонските вина низ светот

Неповратен грант од 10.000 евра по корисник за поддршка во опрема и инвестиции добиваат 59 мали семејни винарии. Договорите за нивна поддршка во вкупен износ од над 33 милиони денари денеска во Градскиот парк во Скопје ги врачи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

– Денеска за нас е посебен ден. Исполнивме уште едно битно ветување кое го дадовме на малите винарии за поддршката која што им е потребна. Денеска доделуваме 59 договори за поддршка на малите семејни винарии, во вкупен износ од над 33 милиони денари. Тие добиваат неповратна финансиска поддршка, односно неповратен грант од 10.000 евра по корисник, за поддршка во опрема и инвестиции. Интересот за оваа мерка беше голем. Вкупно аплицираа 63 винарии, а условите ги исполнија 59 и сите тие ќе добијат поддршка околу 10.000 евра по корисник. Нема прв дојден, прв услужен, односно обезбедивме средства во буџетот на Министерството да ги одобриме за сите кои исполнуваат услови, рече Николовски.

Пред три години кога одлучивме да го измениме Законот за вино, посочи тој, имавме цел да помогнеме да се развијат малите семејни винарии, да ставиме фокус на производството на вино токму во овие винарии, да може го зголемат своето производство, и да можат легално да го продаваат виното произведено во домашни капацитети.

– Денеска има ресторани, бројни објекти каде што се продава вино токму од малите семејни винарии. Уште тогаш знаевме дека носиме мерка, која ќе даде вакви резултати. Денес на винската карта имаме многу нови брендови, многу нови вкусови, богатство од ароми и комплексни вина произведени од домашно македонско грозје, токму во малите семејни винарии. Споредено со периодот на оваа измена на Законот за вино, беа регистрирани околу 30 мали винарии, но по измената, бројот значително се зголеми. Само во овие две години и покрај кризата во регистарот на производители на вино се запишале нови 70 мали винарии со капацитет до 50.000 литри од кои 11 се правни, и 59 физички лица. Тоа е успехот на токму оваа визија за измени во законодавството и давање на поддршка и фокус на малите винарии, истакна Николовски.

Според него, ова се рекордни бројки и ова е вистински доказ дека мерката дава огромен резултат и тоа за само две години, и тоа во голема здравствена и економска криза.

– Ова не е само наш успех на тие кои денеска се тука и со кои заедно ја креиравме оваа идеја. Ова е заеднички успех и на Министерството и на малите винарии. Тие имаа идеја и барање до нас, а ние имавме обврска да го слушаме гласот на сите земјоделци, на сите производители и да постапуваме согласно барањата. Тоа го правевме и тогаш, тоа го правиме и денес со креирањето на сите останати мерки и политики. Така стигнавме заедно денес до овие факти, бројки и аргументи. И тоа не е само бројка, тоа е широка лепеза на нови вински брендови, на зголемена винска и туристичка понуда, на зголемен вински туризам, мотивирани семејства во чија традиција вековито е производството на вино. Тоа е успех. Она што е најважно е дека во тој процес сме сите заедно, рече Николовски.

Креираме, нагласи министерот, нови мерки и тоа партнерски заедно со сите вас.

– Ние сме на иста страна, имаме иста цел, стабилен сектор, помали трошоци, поголем профит, повеќе инвестиции, но и препознатливост на македонските вина низ светот. Токму затоа денеска веќе имаме и нов Закон за виното кој ги поставува и остварува овие цели, како да стане македонското вино препознатливо во светот. Непобитен е фактот за високиот квалитет на македонските вина. Ние произведуваме комплексни вина со изразита ароматичност и карактер, кои на сите вински саеми добиваат награди и признанија.

Тој го поздрави и Здружението „Вина од Македонија“, кое се претстави на последниот и најголем саем во светот ProWeine минатиот викенд во Дизелдорф, каде, како што појасни, лично можел да се увери дека навистина фокусот, луѓето и најголемата гужва била токму на македонскиот штанд на најголемиот светски саем за виното.

– Затоа ќе ги поддржиме сите идеи. Секаде каде малите винарии ќе дадат предлог секој еден саем се она што е потребно да ги поддржиме да се презентираат, да ги промовираат македонските вина коишто ги произведуваат, ќе добијат поддршка од Министерството. Македонското вино е дел од светската винска мапа, а ние сме класифицирани како винска земја. Виното е еден од нашите најважни стратешки производи. Заедно со лозарството учествува во околу 20 проценти од БДП во земјоделството. Покрај тоа, виното е на прво место според извозот на алкохолните пијалоци од кај нас. Значи прв алкохол што има најголем извоз од Република Северна Македонија во останатите земји, е виното. Извозот расте и по количина, извозот расте и по вредност, и оваа година достигна 50 милиони евра извоз на виното, истакна Николовски.

Посочи дека тоа што особено го радува, е што се менува структурата на извозот каде флашираното вино зазема се поголем дел во структурата на вкупниот извоз.

Тој упати честитки до сите кои денеска добија договор во рака за грант од 10.000 евра неповратни средства и изрази надеж дека брзо ќе ги реализираат инвестициите и дека со тоа ќе го зголемат и откупот и производството и фокусот и целокупната понуда во сите општини и региони каде работат.

– Бидете извор на мотивација на сите кои традиционално произведуваат вино во домашни услови, а се уште не се регистрирани. Да се регистрираат и да ги искористат сите мерки и политики кои ги креираме и коишто се за нив. Нека растат овие бројки и понатаму, и верувам дека следната година ова ќе ни биде веќе традиција и дека ќе имаме многу нови договори, многу нови поддршки, многу нови мерки и многу нови семејни винарии во сите региони низ државата. Ние останува да бидеме тука, да креираме мерки, да бидеме секогаш тука за вас и за целокупната поддршка, додаде Николовски.

Во име на сите мали винарии и во име на Здружението „Тиквешки семејни винарии“ се обрати претседателот на Здружението, Горан Јаковлевски кој се заблагодари на министерот Николовски и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за поддршката која ја имаат и на пратениците од Кавадарци за несебичното ангажирање да се обезбедат финансиски средства за сите апликанти кои ги исполниле условите за грантот.

– Ние сме тие кои со години и децении наназад произведуваме вино, ракија, маџун во домашни услови негувајќи ја нашата македонска традиција. За квалитетот на вината кои денес ги произведуваме зборуваат наградите кои ги добиваме не само на домашните натпреварувања туку и на престижните меѓународни натпревари. За да се произведе квалитетно вино потребна е и современа опрема, па така овие финансиски средства кои ќе ги добиеме ни се неопходни за проширување на нашите капацитети, но и набавка на квалитетна опрема без која денес не може да се произведе врвно вино, а при тоа водејќи сметка да ја задржиме и негуваме нашата семејна традиција, рече Јаковлевски.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close