fbpx
Вести

Нерешени имотно-правни односи, главна пречка за окрупнување на земјоделците

zito

Со окрупнување на земјиштето ќе има подобра искористеност на земјоделската механизација и намалување на трошоците на производство. Меѓутоа, за да се случи тоа ќе треба на некој начин да се решат проблемите наследени од минатото. Нерешените имотно – правни односи кај земјоделците се една од главните пречки за консолидација на земјоделското земјиште

Економското здружување на земјоделците е единствениот начин за брзо концетрирање на понудата на земјоделските производители. Во Македонија, во последниве неколку години за разлика од европските земји се намалува трендот на окрупнување во земјоделството. Една од главните пречки за консолидација на земјоделското земјиште, според земјоделците се нерешените имотно-правни односи за што во иднина државата ќе треба да посвети големи внимание.

Малите и расцепкани површини со просечната големина од 2,5 до 2,8 хектари, се голема слабост на македонското земјоделство што го ограничува обемот на производството, создава дополнителни трошоци и оневозможува примена на современи агротехнички мерки и механизација. Едно домаќинство во просек има по 5 оддалечени ниви, а голем дел од нив и до 10 со што се зголемуваат трошоците за нивна обработка.

Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020 предвидува субвенции за окрупнување на површините, но засега резултатите се слаби.

– Малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на земјоделското земјиште се најголемите проблеми за македонското земјоделство, што резултира со неефикасна употреба на земјоделското земјиште. Необработеното напуштено земјиште е исто така сериозен проблем за понатамошен развој на секторот, се заклучува во стратегијата.

Земјоделците се свесни дека мора да работат на окрупнување на површините, но велат дека тоа оди многу тешко, а како главна пречка ги наведуваат нерешените имотно-правни односи.

– Во Македонија во моментов има од 3,5 до 4 милиони парчиња земја. Ако се знае дека овие површини се одделени со меѓи има над 50.000 хектари неплодно земјиште само поради овие причини. На групирањето на земјиштето мора да се посвети посебно внимание. Ќе има подобра искористеност на земјоделската механизација како и намалување на трошоците на производство. Од друга страна ќе треба на некој начин да се решат проблемите наследени од минатото. Нерешените имотно – правни односи кај земјоделците можеби е најголемиот проблем, за што во иднина државата ќе треба да посвети големи внимание вели претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија Вељо Тантаров.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски решавањето на имотно-правните односи е системски проблем кој бара системско решение.

– Овој проблем постои во повеќе делови од Македонија. За решавање на имотно-правните односи потребно е подлабок системски пристап, а за тоа треба повеќе време. Овие проблеми не можат да се решат преку ноќ. Проблемите со земјиштето ќе ги решаваме индивидуално, а при изнаоѓање на решенија ќе работиме според законот, вели Николовски.

Во последните години земјоделците се соочуваат со зголемените цени на репроматеријали, намалените цени на земјоделските производи, слабиот пристап и нерамнотежата на пазарите и недоволната и неефикасната соработка со другите учесници во синџирот на снабдување. Од друга страна, пак недостатокот на финансиски средства и слабиот пристап до кредити го наметнува прашањето како земјоделците најдобро можат да ги заштитата своите економски интереси. Решението треба да се бара во организирање на земјоделците во компании кои ќе овозможат заеднички да ги решаваат проблемите за кои не се доволно силни да ги решаваат индивидуално.


 

вечер

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close