Кој ќе ја купи „златната кокошка“ што ја продава ЗК „Пелагонија“?

(Oвој напис е објавен на: June 27, 2018)

ЗК „Пелагонија“ веројатно ќе понуди на продажба 4 фирми-ќерки за најниска збирна цена од 14 милиони евра, а за тоа ќе гласаат акционерите на 20 јули годинава. Највредна меѓу нив е „Пелагонија Енерџи“ централа за производство на струја во која „Пелагонија “вложи околу 20 милиони евра, а ќе ја продава по цена што нема да е пониска од 8,5 милиони евра. Оваа централа има повластена цена од 180 евра за секој произведен мегават струја до 2031 година, а има годишен капацитет за оптимално производство на 20.000 мегаватчасови електрична енергија

Битолскиот земјоделски комбинат „Пелагонија“ ќе ја понуди на продажба својата централа за производство на електрична енергија која како погонско гориво користи биогас, ако за тоа гласаат мнозинството акционери. Во предлог одлуката што ќе се најде на гласање на претстојното акционерско собрание на ЗК „Пелагонија“ на 20 јули акционерите ќе гласаат за предлогот да ја продадат централата за производство на електрична енергија „Пелагонија Енергџи ДООЕЛ Логоварди“ по цена што не може да биде пониска од 8,5 милиони евра.

Оваа централа за производство на електрична енергија е „златна кокошка“ затоа што е повластен производител на електрична енергија и за секој произведен мегаватчас струја држава и плаќа 180 евра. Лани во јули оваа фирма доби дозвола и за третиот генератор за производство на струја и сега нејзниниот инсталиран капацитет е 3 мегавати на час. Тоа значи дека во 24 часа ако работи со полн капацитет таа централа може да произведе 72 мегаватчасови електрична енергија и да оствари приход од речиси 13.000 евра за едно деноноќие. Според познавачите на приликите, оваа современа централа за производство на електрична енергија со инсталиран капацитет од 3 мегавати може за период од една календарска година со опримален режим на работа да произведе 20.000 мегаватчасови електрична енергија и за тоа да инкасира 3,6 милиони евра. Оваа компанија има повластена цена од 180 евра за произведен мегават час (кои ги добива од државата) во период од 15 години, а лиценцата и е издадена во 2016 година и важи до 2031 година. Со оглед на тоа дека од јули лани оваа централа работи со три генератори и може да произведе оптимални 20.000 мегаватчасови на годишно ниво, до јули 2031 година „Пелагонија Енергџи ДООЕЛ“ може да произведе 280.000 мегаватчасови електрична енергија и да инкасира 50,4 милиони евра!

А доколку нема повеќе заинтересирани ќе ја добие некој што ќе понуди 8,5 милиони евра!!!?

Овој капацитет беше пуштен во работа во јануари 2016 година и тогаш беше објавено дека нејзината инвестициска вредност е околу 20 милиони евра, кои се влог на ЗК „Пелагонија“. Суровина за подготовка на бигасот е биолошкиот материјал (арско ѓубриво) од краварските фарми на ЗК „Пелагонија“, најголем одгледувач на крави во Република Македонија.

Освен оваа предлог-точка на дневниот ред на претстојното собрание ќе се најдат предлози за продажба на уште три фирми-ќерки на ЗК „Пелагонија“. Тие се: „Комплекс Александрија Битола“ друштво за трговија и услуги во кое ЗК „Пелагонија“ е сопственик на 100 отсто од уделот и се продава по цена која не може да биде пониска од 5,5 милиони евра. На листата на понудени фирми е и скопското друштво „МКМ Експрес ДОО“ во кое ЗК „Пелагонија“ има 59 отсто од главнината на друштвото и уделот го продава за 800.000 евра. Воедно на понуда ќе биде и уделот на ЗК „Пелагонија“ во друштвото за хотелиерство и туризам „Хотел Маврово“ во кое битолската фирма поседува 21,9 отсто и тој удел го нуди по почетна цена од 200.000 евра.

ЗК „Пелагонија“ има 4 големи поединечни акционери и меѓу нив има по две домашни физички лица и две домашни правни лица. Најголем поединечен акционер е друштвото за градежништво и трговија „Софија ДООЕЛ“ од Скопје кое поседува 22,7 отсто од акциите со право на глас. По 20 отсто од акциите имаат „Орка Холдинг“ од Скопје и Цветан Панделески – сопственикот на компанијата „Пелистерка“. Скопјаноецот Ненад Јосифовиќ е четвртиот голем акционер и тој поседува 7,3 отсто од акциите со право на глас. Доколку на претстојното собрание гласаат за барем тројца од овие четворица големи акционери тогаш Одборот на директори на битолската компанија ќе може да собира понуди и да преговара со заинтересирани купувачи на овие фирми-ќерки што ќе се понудат на продажба.


 

фактор

Share Button