НФФ го одбележа Меѓународниот ден на руралната жена
Меѓународниот ден на руралната жена се одбележа со дискусија поврзана со актуелната тема за Корона кризата, но од аспект на руралната жена и проблемите и предизвиците со кои таа се соочува.
-Жените во руралните средини претходно веќе се соочуваа со специфични проблеми во нивниот секојдневен живот, кои дополнително со Корона кризата станаа понагласени, посочи Васка Мојсовска претседател на Национална федерација на фармери на Македонија.
-Дел од проблемите со кои се соочуваат овие жени во текот на актуелната ситуација, се намален пристап до квалитетни здравствени услуги, зголемена видливост на неплатената работа, интензивирање на родово базираното насилство, дезинформираност и недостаток на пристап до критични технологии за подобрување на нивната работа и личен живот. Некои од овие проблеми беа детектирани преку Анализата за руралните жени и корона кризата изработена од страна на НФФ“, истакна Мојсовска. Активно залагање од страна на сите чинители за воведување соодветни мерки за ублажување на товарот за грижа и за подобро негово прераспределување меѓу жените и мажите, за достапност до услуги на жените во руралните средини и за поддршка на продуктивната и неплатена домашна работа. Жените имаат клучна улога во обезбедувањето одржливост на руралните домаќинства и заедници, како и во подобрувањето на целокупната благосостојба, но таквата улога се уште не е доволно препознаена, дополни Мојсовска.
За овие проблеми Националната федерација на фармери организираше Zoom средба по повод 15 октомври – Меѓународниот ден на жената од руралната средина, ден кој традиционално се прославува со свечен настан. Настанот е организиран во соработка со Мрежата за рурален развој и Шведската организација за развој We Effect. Учествуваа околу 100 жени од руралните средини, претставници на научни, образовни, јавни институции и други организации кои соработуваат со руралното население.
П.Ј.