Никола Гогов : Нема лесна работа, мора да престанеме да се жалиме

(Oвој напис е објавен на: May 29, 2019)

 

„Нема лесна работа, мора да престанеме да се жалиме. Тешко е ама сепак, жалењето нема да помогне  туку работата“, ова е размислувањето на Никола Гогов, управител на Фарма „Гогови“ од Богданци.

Никола е еден од ретките млади  фармери  од  Богданци кој својата и иднината на своето семејство сака да ја гради на домашно тло, во Македонија. Своето образование го здобил на Универзитетот Св. Кирил и Методиј  во Скопје на Факултетот за земјоделство и храна, отсек сточарство. Можеби е од ретките млади што имал можност да се стекне и со практично знаење во некогашната млекара  „ Богданци“, но и од ретките што имал храброст своето знаење да го употреби на сопствена фарма. Сакал да се докаже, да работи и сам да заработи, а не да чека плата од некој друг.

-Условите за работа какви се такви се и не се сменети од мојот прадедо. За жал. Се надевам дека со труд и работа ќе направам  да имам подобар живот. Сакав да се докажам дека може да  се егзистира во Македонија и на ваков начин, рече Никола при посетата на Зелена берза на неговата фарма. Иако имаше многу работа околу обврските што секојдневно ги извршува на фармата сепак одвои малку време да ни ја раскаже својата приказна.

Целиот проект бил негов личен и го има замислено како затворен систем. Има уште многу да се доработи, но како што вели, има трпение и се’ ќе направи.

Располага со стадо од 270 овци од кои молзни се околу 170. До стадото има и мандра во која млекото го преработува во сирење. Регистриран е во Агенцијата за храна и ги поседува сите потребни документи за неговата дејност. Неговата првична цел е да го задоволи елементот ХОРЕКА (хотели, ресторани и кафеани).Тоа значи дека 80% од неговото производство на сирење го пласира токму  на тие места во Гевгелија и Богданци.

Во моментот капацитетот на неговата мандра овозможува преработка на 33-34 тони млеко од кои произведува  10 тони  сирење на годишно ново.

-Требаше 2-3 години да се докажеме со нашиот производ, но  дури сега на петтата година може да  се каже дека сме на добар пат. Сирењето  е препознаено   од околината и по името и по вкусот. Имаме муштерии од Скопје, Струмица но  најмногу го пласираме  овде по рестораните, рече Никола.

Сирењето го продава под брендот  „Богданско  овчко сирење“. Рецептот што го применува е од неговата баба.

 

-Потекнувам од едно село под Беласица, Костурино. Мојата фамилија пред 300 години се доселила од краиштата на Галичица. Тоа се  некои стари Мијаци и тоа ни е во крвта, во гените. Традицијата на ова сирење потекнува од мојата баба, самиот рецепт и технологијата на производство е од оние најстарите, објаснува Никола.  Се’  оди само со млеко, маја, сол и ферментација најмалку  90 дена, додава тој.

 

 

 

Млекото секоја вечер го  собира и го чува во фрижидери за  следното  утро да го  преработи. Во процесот применува бавна пастеризација на 65 степени, после што следи  ладење на 32 степени и се обработува. Оние останати „финти“ како што ги нарекува(кои што го прават ова сирење посебно) не ни ги откри. Продажбата  следува   по зреењето (ферментацијата) на сирењето  од минимум 90. „Богданското овчко сирење“ уште не може да се најде во маркетите, бидејќи мали се капацитетите.

 

 

 

-Да сме живи и здрави, ќе не има. Ќе одиме чекор по чекор, прво за Струмица па како ќе растеме така  ќе му ја мислиме, вели Никола.

Планира проширување што е поврзано со дополнителна инвестиција. Сака фармата да ја модернизира, да набави линија за молзење со што молзењето ќе се извршува машински, автоматизирано. Планира да го зголеми стадото на 340 овци од кои 250 молзни со што ќе се зголеми и производството на  млеко на 15 тони, а со тоа и производството на сирење од 10 -15 тони  на годишно ниво.

-Моментално молзењето го правиме рачно. Имам ангажирано тројца вработени. Најскапата работа во овчарството е молзењето на овците се’ друго е поевтинo.  Не е проблем дали има овчар туку дали има молзачи. Лесно се наоѓа човек да напасува , проблем е да се најдат овчари  од оние старите, што знаат добро да ги измолзат овците, објаснува Никола.

Покрај сите тешкотии што произлегуваат од работата,  до сега Никола во ниту еден момент не паднал во искушение да бара друга полесна работа. Напротив вели дека во југоисточниот дел од државата луѓето отсекогаш се занимавале со земјоделие и тоа е  она каде што треба да се бара иднината.

-Мора да сфатиме,дека сите  ние живееме овде. Во Македонија никојпат не се живеело подобро. Населението  отсекогаш живеело од земјоделие. Можеби не било којзнае како, но било борба за егзистенција. Ние сега,  младите, не можеме да очекуваме да живееме како во други земји , на пример, како во западна Европа. Мора да се навикнеме и прилагодиме на овдешниот систем, со тоа што самите ние како поединци ќе даваме позитивни примери на општеството,  дека може нешто да се промени, во сите сегменти, рече Никола.

За да може младите да останат на овие простори Никола смета дека треба да добијат „ветер“ во грбот, дека државата треба повеќе да им помага. Исто така смета дека треба да се следат странските искуства, да се намали зависноста од  увоз на храна  и  да им се даде предност на домашните производители на храна, а нивните  производи да бидат застапени во  што поголем број во маркетите. Програмите  кои овозможуваат финансиска поддршка  на земјоделците се одлични, но  во таа насока потребно е комплетно менување на системот на субвенции. Конкретно во ова дејност Никола смета дека субвенциите би требало да бидат според произведеното, а не по број на грла стока.

Има голема поддршка од фамилијата. Неговите три ќерки се тие што му даваат најмногу радост и  сила да истрае и да ги надмине сите потешкотии и проблеми на кои наидува.

-Немој да мислите дека кога ќе одите во странство, дека таму е лесен животот. И таму има многу работа, треба да се направи математика дали можеме тука да си поминеме подобар и помирен живот , посакани,  отколку во странство каде ќе работите како на копче со „оф – он“ ,ова е пораката што Никола Гогов, управител на Фарма „Гогови“, ја испраќа до сите млади во државата.

Павлина Јовановска