fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Николче Станковски-Државата ќе им скрати на тутунарите 7 милиони евра на име субвенции

Смислено сценарио е годинешната откупна политика на тутунот, обвинува Николче Станковски, член на УО на новото здружение „Тутунска надеж“.

Смислено сценарио е годинешната откупна политика на тутунот, обвинува Николче Станковски, член Управниот одбор на новото здружение „Тутунска надеж“. Според него во спрега се откупувачите, државата и тутунските здруженија.

-Државата заштедува околу 7 милиони евра на име субвенции со тоа што не се цени реално тутунот по класи. Второ, откупните претпријатија ако требаа да имаат евро и пол заработка од килограм тутун сега ќе имаат 3 евра ќар по килограм. И третиот момент здружението на тутунари е целосно партизирано, нема план за спас на тутунарите, затоа и ги потпиша мострите. Во Законот за тутун пишува дека мострите треба да ги потпишува агроном, а таму нема таков човек што ги разбира мострите. За да се потпиши мостра треба да бидат земени примероци на тутун од секој регион, обвинува Станковски.

Ние како ново здружение она што ќе го побараме за оваа реколата е да се покачат субвенциите за тутунарите по класи, вели Станковски, а не 100 денари субвенции за секој килограм тутун.

-Најреално е по класи. Во март кога откупните претпријатија ќе почнат да склучуваат договори ќе извршиме притисок во договорите точно да биде прецизирано која берба тутун во која класа ќе се цени. Не може ‘врв’ тутун да оди во четврта класа како што е сега. Ќе се знае ‘врвот’ која класи ќе ја носи, вели Станковски.

Новото здружение „Тутунска надеж“ ќе дели пристапници во сите општини исклучиво на тутунопроизводители, а членувањето ќе биде исклучиво доброволно.

Станковски и самиот е производител на тутун, оваа година на површина од 4 хектари произведе околу 8 тони тутун, и како што вели заради лошата откупна политика досега е оштетен со 13 илјади евра, со просечна цена од 120 денари за килограм. Што се однесува пак до шпекулациите дека новото здружение е под закрила на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Станковски отворено вели-Немаме никаква врска со опозицијата, јас можам да ви ја сликам мојата членска карта од СДСМ, ако тоа може да го промени мислењето на некого, вели Станковски.

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close