fbpx
Топ вести

Николовски: Четири мерки за поддршка на полјоделските култури

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека во постапка се измени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година, односно во мерката за директни плаќања за површини со полјоделски култури, вклучително и за пченицата.

Со првата измена се зголемува минимумот пријавени површини за добивање целосна сума од програмираната субвенција за полјоделски култури, вклучително и пченицата. Односно, ако досега  100 отсто од субвенцијата добивале оние кои пријавиле од 0,3 до 10 хектари, сега за оваа категорија на земјоделци ќе се исплаќа 100 отсто од субвенцијата за пријавени површини до 20 хектари.

Второ, висината на субвенциите за пријавените површини од над 100 хектари, наместо 10 отсто од субвенцијата, ќе изнесува 20%. Овие измени важат за сите полјоделски култури и ќе придонесат за зголемување конкурентноста и одржливоста на домашното производство на пченица и други полјоделски култури.

Трето, оваа година се воведува нова мерка со цел да се заштити домашното производство на пченица и од оваа жетва да се откупи што повеќе домашна македонска пченица. Поточно, секој откупувач на пченица запишан во регистрарот на откупувачи кој што ќе откупи домашна пченица од реколтата 2018, најдоцна до 15 септември годинава, и за истата исплатата ќе ја изврши најдоцна до 15 декември 2018 година, ќе добие субвенција од 1 денари за килограм откупена пченица.  Оваа мерка исто така ќе го поттикне договорното производство  и ќе ја подобри конкурентноста на домашната мелничка индустрија. Земајќи предвид дека годишниот просечен откуп на пченица изнесува околу 70.000 тони, се очекува поддршката за оваа мерка да изнесува околу  70 милиони денари.

Овие мерки ќе бидат донесени на една од следните седници на Владата на Република Македонија.

Четврто, во тек е јавниот оглас за набавка на 13.000 тони домашна пченица за потребите на стоковите резерви, кој што трае до 15-ти август. На јавниот оглас за прв пат се дозволени и помали лотови, со цел и земјоделците да можат да директно да продадат пченица на Стокови резерви. Има 10 лота од по 100 тони и 3 лота по 4.000 тони пченица. На овој начин  ќе се придонесе за зголемување на откупот на домашна пченица, како и за постигнување повисока откупна цена.

Вкупно со овие четири мерки во овој земјоделски сектор ќе влезат околу 4 милиони евра.

Предвидените измени се резултат на низата состаноци кои што МЗШВ ги одржа со земјоделците производители на пченица и со мелничарите откупувачи, а врз основата на анализите од министерство.

Инаку, Просечната производна цена на годинешната пченица, изготвена врз основа на анализите кои што ги направи МЗШВ и трошоците кои ги имаат земјоделците за килограм произведена пченица, изнесува 9,14 денари за килограм. Податоците се подготвени од ФАДН системот во кој се опфатени 300 земјоделски стопанства, а годинава се очекуваат просечни приноси од околу 3.500 килограми пченица од  хектар.

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close