Николовски-Пари се обезбедени за сите земјоделски гранки, простор за грижи нема да оставиме
Одиме стабилно и со план, во постапка на носење мерки кои ги бараат или предлагаат земјоделците“, изјави министерот Николовски
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, се согласува дека има потреба од мерки што ќе му помогнат на земјоделството и со тоа и на државата.
„Предизвиците можат да бидат големи и далекусежни. Затоа сме максимално фокусирани да обезбедиме сé што е потребно за стабилизирање на производството и непреченото засејување реколти за идната година. Наша задача е да бидеме подготвени и да понудиме решенија за сите проблеми. Критичната состојба во светското земјоделство значи внимателна подготовка на долгорочна стратегија. Пари се обезбедени за сите земјоделски гранки, простор за грижи нема да оставиме. Одиме стабилно и со план, во постапка на носење мерки кои ги бараат или предлагаат земјоделците“, изјави министерот Николовски.
Според него „Подготвен е Национален план за производство на храна, чија цел е одржливо и зголемено производство на стратешките земјоделски култури. Во Планот е содржана Програмата за интервентниот фонд, со која засега се планирани 400 милиони денари за интервентни мерки за поддршка на земјоделците – за помали трошоци, одржливо производство и стабилен пазар на храна на основните земјоделско – прехранбени производи“, рече Николовски.
Тој се осврна на интервентните, среднорочните и долгорочните мерки, посочувајќи дека вкупно 210 милиони денари се за финансиска поддршка во полјоделското производство, односно за интервентна субвенција за покривање на трошоците за набавка на вештачко ѓубриво, односно 4.000 денари по хектар дополнителна субвенција за вештачко ѓубриво добиваат производителите на пченка и пченица и 2.500 денари по хектар производителите на јачмен и сончоглед. Вкупно 190 милиони денари преку интервентниот фонд се за финансиска поддршка во сточарското производство, а има и нови мерки за поддршка на сточарите. Обезбедена е интервентна субвенција од 400 денари по грло за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет и интервентна субвенција од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми. Се воведува и нова интервентна субвенција во висина од 60 денари по несилка, која се наоѓа на одгледувалиштето и е на возраст за производство на конзумни јајца.
Според него, ниту една обработлива површина не смее и нема да остане незасадена, особено не во вакви кризни времиња. Храна и житни култури мора да има. Затоа, во владина постапка влегува објавата на нов јавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, односно наменски оглас за земјиште наменето за производство на пченица, пченка, јачмен, сончоглед и добиточна храна, информира Николовски.
Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија вчера во Клубот на пратеници ја одржа десеттата сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема „Земјоделско-прехранбените пазари и обезбедувањето со храна во контекст на тековната глобална криза“, во организација на Европското движење.