Николовски-Поддршката за македонскиот земјоделец нема партиска боја
Сите партии заедно да изнаоѓаат начини за поголема поддршка за земјоделците, а не со месеци или години да го кочат во Собрание остварувањето на нивните права.
„Поддршката за македонскиот земјоделец нема партиска боја. Секогаш, а особено во време на ваква криза мора да се обединиме и да дадеме приоритет на барањата на земјоделците, а не на голата желба за власт. Апелирам во мое име како министер и во име на земјоделците и нивните семејства до пратениците: ,,Законите за конкретна поддршка на земјоделците не смее никогаш особено не заради политички несогласувања да бидат блокирани“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на брифинг со медиумите.
Тој истакна дека е охрабрен бидејќи изминативе денови откако испрати отворено писмо до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го контактирале повеќе пратеници од власта и опозицијата. Било констатирано дека е криза и дека треба сите партии заедно да изнаоѓаат начини за поголема поддршка за земјоделците, а не со месеци или години да го кочат во Собрание остварувањето на нивните права.
„Ајде како заеднички мал почеток, сите 120 пратеници, да им помогнеме на над 20.000 семејства кои живеат од производство на тутун. Македонскиот земјоделец ја чека својата субвенција за да отпочне нова реколта и да овозможи пристоен приход за себе и семејството, и со право не го интересира што ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ мисли за т.н. активна блокада на Собранието”, изјави Николовски за време на брифингот.
Откако минатиот месец Владата го усвои Националниот план за производство на храна со конкретни мерки за директна поддршка на земјоделците и домашното производство, министерот информира дека интересот кај земјоделците за користење на овие мерки е рекорден.
„Поддршката за земјоделците преку овој Интервентен фонд ја зголемуваме од 400 на 900 милиони денари. Ги мотивираме за поголеми приноси. Земјоделците добиваат 40 отсто дополнителна помош за набавка на вештачко ѓубриво за пченка и пченица, како и 2.500 денари по хектар за сончоглед и јачмен. Предвидени се и 400 денари по хектар интервентна субвенција за набавка на течни фолијарни ѓубрива“, посочи Николовски.
Министерот информираше и дека е предвидена нова мерка за одгледувачите на сончоглед со која го стимулираат договорното производство, односно го поддржуваат целото домашно производство на сончоглед со цел да заврши првенствено во домашните преработувачки капацитети.
„Дел од другите интервентни мерки за поддршка се субвенцијата од 400 денари по грло за предадено јагне, 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми, интервентна поддршка за живинарскиот сектор преку субвенција од 60 денари по несилка, а воведовме дополнителни 3 денари поддршка по килограм за оризова арпа, како и дополнителни 3 денари по килограм за јаболка од реколтата 2021 година. Целта на носењето на сите нови мерки е да се намалат загубите на земјоделските стопанства поради немањето на откуп на земјоделските производи и зголемувањето на цените на репроматеријалите“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на брифингот со медиумите.
Рекорден интерес за аплицирање има за мерката за набавка на трактори каде Министерството помага преку кофинансирање до 75% односно до 3.5 милиони денари по корисник како максимална сума. Таков е случајот и со проектот Рурална жена. Овој грант предизвика голем интерес кај жените во руралните средини, па за таа цел Министерството двојно го зголеми износот од 3.000 на 6.000 евра.
„Поддршка има и мора да има за секој земјоделец кој ги исполнува законските услови. Нема повеќе принцип на „прв дојден, прв услужен“. Таков пример имаме со повикот за набавка на педигриран добиток каде аплицираа 104 апликанти, дури 103 кои ги исполнуваа сите пропишани услови потпиша договори. Потпишавме и рекордни 322 договори со земјоделски стопанства кои трајно ќе го решат проблемот со наводнување. Истовремено, ги исполнуваме барањата преку носење на поддршка по мерка на земјоделците. На пример, ги послушавме барањата на дел од винарите и донесовме законска можност со која им овозможивме да можат да се регистрираат како мали винарии. Ги помогнавме за време на ковид кризата и токму месецов им доделуваме грант до 10.000 евра со кој можат да набават опрема за производство“, истакна министерот Љупчо Николовски.
Тој посочи дека негова и цел на Министерството за земјоделство е да не остане ниту едно земјоделско земјиште необработено, особено во време на големи светски кризи за храна. Тој информира дека на распишаниот јавен оглас преку кој на располагање биле ставени 5722 хекатри земјоделско земјиште предизвикал огромен интерес, а пристигнале рекордни 235 апликации. Затоа, распишани се и нови 4 огласи за нови 4.294 хектари државно земјоделско земјиште до 3 хектари, а во тек на подготовка од страна на Министерството се и два нови јавни огласи за доделување на државно земјоделско земјиште над 3 хектари.
„Како Министерство и Влада размислуваме стратешки и далекусежно. Се бележат историски вложувања во изградба на нови брани, системи за наводнување и слично. Се гради браната Конско, се работи проектот Јужновардарска долина, привршуваат малите системи за наводнување во Славишко поле, Пишица и Чаушица“, рече Николовски на брифингот за состојбите во ресорот земјоделатво, шумарство и водостопантсво.
Министерот најави и нов ИПАРД повик за преработувачка индустрија во износ од 5 милиони евра кој се очекува да биде распишан во јуни годинава, како и огромно зголемување на буџетот наменет за поддршка на земјоделието преку ИПАРД 3 (зголемување на ЕУ финансиската поддршка од 60 на 97 милиони евра). Во тек е и нов проект за модернизација на земјоделството преку Светската Банка каде веќе се градат три откупно-дистрибутивни центри, земјоделците можат да користат советодавни услуги, земјишен регистар и слично.