Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска ја отвори десеттата по ред ,„ЛЕНДНЕТ“ интернационална работилница, која оваа година се фокусира на најдобрите легислативни практики за консолидацијата на земјоделското земјиште.
„Со експертиза на ФАО, Министерството во континуитет ја подобрува законската рамка за консолидација на земјиште во Македонија. Измените на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, кои се усвоија од страна на Собранието минатиот месец, се важен чекор кон ефикасно и транспарентно спроведување на активностите. Во моментот на терен се спроведува консолидација на земјоделското земјиште на 12-те избрани подрачја во земјата. Наша крајна цел е да ја зголемиме конкурентноста на земјоделското производство, да ги подобриме условите за живот во руралните средини и да обезбедиме одржливо користење на природните ресурси.“ – изјави Николовски.
На работилницата присуствуваа повеќе од 140 експерти за управување со земјиште од над 30 земји и организации од Европа и Централна Азија, кои дискутираа за препораките од регионалната студија на ФАО за легилатива за консолидација на земјиште. Целта на студијата е да им се помогне на земјите кои се дел од програмата на ФАО во развивање националните правни рамки за консолидација на земјиште, засновани на најдобри меѓународни практики.
“ФАО работи со државите да ги подготви при воведување на консолидацијата на земјиште и при развивање на целосно функционални национални програми за консолидација на земјиште.Во Македонија, преку тековниот проект финансиран од Европската Унија – МАИНЛАНД – ФАО работи да им помогне на земјоделците, сопственици на земјиште и руралните заедници да го решат проблемот со прекумерната расцепканост на земјиштето, малата површина на земјоделските стопанства и недоволно развиената земјоделска инфраструктура”, изјави експертот на ФАО за управување со земјиште, Мортен Хартвигсен.
Со цел создавање на поволни услови за земјоделско производство во полза на семејните земјоделски стопанства – и подобрување на конкурентноста и продуктивноста на земјоделското производство и условите за живот во руралните средини во тој процес – ФАО и Министерството за земјоделство континуирано соработуваат за подобрување на законската рамка за консолидација на земјиште во Македонија.
Работилницата е во организација на ФАО и Работната група за земјишна администрација при Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ) и е дел од поширока соработка во областа на консолидацијата на земјиште со други партнери, вклучително холандскиот катастар и Техничкиот универзитет во Минхен, а поддржана и од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и ГИЗ.
ЛЕНДНЕТ е растечка мрежа на експерти за управување со земјиште од Европа и Централна Азија. На иницијатива на ФАО, тие редовно се состануваат од 2002 година со цел размена на искуства и идеи за консолидација на земјиште, банки на земјиште и развој на пазарот на земјиште.
На денешната интернационална работилница, имаше учесници од Албанија, Белгија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Германија, Данска, Естонија, Косово, Киргистан, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија, Украина, Узбекистан, Унгарија, Русија, Србија, Словенија, Турција, Финска, Франција, Холандија, Црна Гора, Чешка, Шпанија.