fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Ниту еден земјоделец нема да изгуби земјоделско земјиште што го користи од државата, вели Заев

Цените од 20 до 60 денари по метар квадратен, кореспондираат со пазарната вредност на земјоделското земјиште во РСМ.

Со новиот закон за продажба на земјоделско земјиште дефинитивно го штитиме земјоделското земјиште од секаков вид на недоречености или злоупотреби при управување на администрацијата со менаџментот на земјоделското земјиште. Ниту еден земјоделец нема да изгуби земјоделско земјиште што го користи од државата, рече денеска претседателот на Владата Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање од Лидија Тасевска од СДСМ.

„Прво да расчистиме дека Законот за земоделско земиште е донесен во 2013 година од претходната власт, но не е ставен во функција затоа што немало решение кој сè можел да го купи и на кој начин закупецот кој долги години го користел, би бил оштетен и како тоа би било надоместено. Односно, даваше општа несигурност за земјоделците“, изјави Заев од собраниската говорница.

Тој објасни дека според законското решение за кое допрва ќе се води јавна расправа, секој индивидуален земјоделец или правен субјект што е концесионер на државно земјоделско земјиште ќе може да избере да го купи земјоделското земјиште или да продолжи да го користи на концесија. Не може, вели Заев, државата да му наметне или да биде дадено на друг и не може на друг начин да се манипулира.

„Со овој закон даваме можност за развој на земјоделството. Со новиот закон ќе се овозможи секоја педа обработливо државно земјоделско земјиште да биде во функција, а тоа е најголемата цел на овој закон. Ќе се продаваат само 50 илјади хектари, а не сите 130 илјади, вели Заев, додавајќи дека земјоделското земјиште согласно новиот закон не може да биде препродавано, дарувано, разменето или трансформирано во градежно земјиште, нитуу пак, да биде дадено под концесија за геолошки истражувања или за експлоатација на минерални суровини.

„Мора да остане земјоделско земјиште. Сето тоа е регулирано во самиот закон“, рече тој.

Цените од 20 до 60 денари по метар квадратен, додаде тој, кореспондираат со пазарната вредност на земјоделското земјиште во РСМ.

„На странски правни лица нема продажба, само нашите граѓани ќе можат да го купат или правен субјект сопственост на РСМ, овде регистриран. Приходите што ќе се остварат се проценуваат од 200 до 500 милиони евра, но не го правиме ова за приход, заклучи Заев.

Премиерот Заев вели дека со овој закон се дава можност за развој на земјоделството. Во сегашната ситуација банка не им одобруваат кредити на индивидуалните земјоделци или на правните субјекти за развој на земјоделските површини или на земјоделското производство.

„Тие бараат сопственост на земоделско земјиште. Доколку нема, не даваат кредит“, рече Заев, додавајќи дека поради тоа земјоделците не можат да купат трактори и друга механизација со што ќе ја зголемат продуктивноста, ниту пак можат да го осовременуваат производството и да бидат конкурентни.

„Затоа денес се уште не е окрупнето земјоделското земјиште, затоа нашиот земјоделец работи на еден декар, прави ненормално повисоки трошоци отколку што прави земјоделецот дури и во соседните земји, да не зборувам во Турција, Шпанија и Италија, каде што сме конкурентни и сакаме да ги победиме“, истакна Заев.

Тој направи споредба со други држави – па како што рече, ако кај нас производство на килограм некој производ чини 20 денари, во Турција, Италија или Шпанија чини 12 денари или 20 центи.

„Не можеме да оставиме вака да бидеме на крајот во оваа глобална конкуренција на пазарите на кои ги продаваме нашите производи“, рече Заев.

Зборувајќи за состојбите со овој значаен ресурс, Заев рече дека во нашата држава има расположливи 240 илјади хектари земјоделско земјиште, а во функција се само 130 илјади хектари.

„Другото земјиште е запуштено, необработено, неискористено. Треба да го ставиме во функција на развојот. Затоа што тоа е наш потенцијал, ние немаме море, нафта, гас или слично, да развиваме наши економски потенцијали“, рече Заев, додавајќи дека со новиот закон ќе се овозможи секоја педа обработливо земјоделско земјиште да биде во функција што е и најголемата цел на законот.

Притоа, како што објасни, ќе се продаваат 50 илјади хекари, а не сите 130 илјади, а потоа ќе се одлучува согласно успешните модели или не.

Од приходите кои ќе се остварат од продажба на земјоделското земјиште, 49 отсто ќе бидат наменети за државата, 49 отсто за општините и два отсто за Министерството за земјоделство, заради трошоците за работа.

„Четириесет и девет отсто од 500 милиони евра се 249 милиони евра. Тоа се квалитетни средства за иден рурален развој кој може да биде поддржан токму од општините. И ќе дојдат најмногу во руралните општини, затоа што е таму обработливото земјиште и конечно и нив да ги поддржиме со квалитетни средства од продажба на ова земјиште“, рече Заев.https://nezavisen.mk/nitu-eden-zemjodelec-nema-da-izgubi-zemjodelsko-zemjishte-shto-go-koristi-od-drzhavata-veli-zaev/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close