fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Нов обид за минималната плата, ако нема договор, синдикатите на штрајк

Нудат минималната плата во нето износ од 16.164 денари што за нас е неприфатливо, вели Димовски.

Нова средба меѓу синдикатите, работодавачите и Владата е закажана за денеска во 16 часот на која повторно ќе се разговара за барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

За синдикатите е неприфатлив предлогот на работодавачите изнесен на последниот Економско-социјален совет одржан во средата, бидејќи според пресметките на синдикатот во тој случај минималната плата во нето износ би изнесувала 16.164 денари. Незадоволството од ваквиот предлог ќе го искажат денеска од 13:30 до 14:30 часот кога Претседателството и Советот на Сојузот на синдикати на Македонија како највисоки органи на синдикатот ќе ја блокираат улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора на Македонија.

– Со она што го нудат минималната плата во нето износ би била 16.164 денари што за нас е неприфатливо во никој случај кога знаеме дека минималната синдикална кошничка изнесува 35.040 денари. Затоа утре по завршување на седницата на Советот на ССМ директно излегуваме со целото Претседателство на ССМ и сите штрајкувачки одбори на протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија, изјави вчера Димовски.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија во средата предложија критериумите за определување на минималната плата да претрпат измени и очекуваат за ова да се изјасни Владата.

– Очекуваме предлог и од Владата дали ќе бидат прифатени нашите идеи. Имавме некоку идеи, истите дали ќе бидат прифатени или не. Синдикатот имаше нивни идеи. Очекуваме компромис помеѓу сите три чинители, изјави претседателката на ОРМ, Владанка Трајковска во средата по завршување на Економско-социјалниот совет.

Според работодавачите, решението треба да е соодветно на сегашната состојба во економијата. 

Од Владата се задоволни од дијалогот меѓу социјалните партнери и сметаат дека решението единствено треба да се најде преку дијалог со сите засегнати страни.

– Ги уверувам сите граѓани кои се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, кажавме дека единствениот начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници е креирање систем што е долгорочен, што нема да ги остави на волјата на една Влада, кога таа ќе сака или ќе има слух или на различните страни како што се синдикатите или организациите на работодавачи, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по состанокот во средата.

Доколку денеска не се постигне договор за минималната плата, синдикатот најавува генерален штрајк.

Минималната плата сега изнесува нешто над 15.000 денари со последното усогласување. Законски, минималната плата се усогласува секој март, а веќе од април почнува да се применува. Синдикатот бара зголемување на минималната плата на 18.000 денари поради зголемените трошоци на живот, енергетската и ковид кризата.https://nezavisen.mk/nov-obid-za-minimalnata-plata-ako-nema-dogovor-sindikatite-na-shtrajk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close