fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Новата влада ќе ја кастри администрацијата за 20 отсто

Тоа ќе се оствари пред се преку спојување на институциите што имаат идентични задачи, пензионирање на 64 години, но и со  префрлање на дел од административците во приватниот сектор. 

Идниот премиер Димитар Ковачевски во програмата за својата работа најавува  смена на начинот на функционирање на јавната администрација, но и нејзино намалување за 20 проценти. Тоа ќе се оствари пред се преку спојување на институциите што имаат идентични задачи, пензионирање на 64 години, но и со  префрлање на дел од административците во приватниот сектор. 

„Ќе ја реорганизираме, ќе ја реконфигурираме и ќе воведеме дополнителни форми за поефикасно работење на државната и јавна администрација на сите нивоа“, се вели во програмата.  Се вели дека целта на Владата е да обезбеди професионална јавна администрација, поддржана од интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники.

„Владата смета дека јавната администрација мора да обезбедува дигитални услуги, како задолжителна опција. Администрацијата не смее да бара од граѓаните и деловната заедница никаква информација или податок, кој веќе е обезбеден, и мора да дизајнира јавни услуги кои по дефиниција се инклузивни и ги исполнуваат потребите на ранливите групи, како што се возрасните и луѓето со пречки“, се нагласува во програмата.

Новата власт вниманието ќе го насочи кон вработување на квалитетен кадар, но и како тој да се задржи во државната служба, а тоа ќе се направи преку награди и повисоки плати. Ковачевски во програмата најавува дека ќе се утврдат современи критериуми за поставување, избор или именување на високи функционери, со цел воспоставување на изедначени услови за избрани и именувани лица. Ковачевски и новата Влада веруваат дека професионализацијата и деполитизацијата на јавната администрацијата мора да почне од врвот, па затоа се создава висока раководна служба.

„Продолжува реорганизацијата на јавната управа преку елиминирање на преклопувањата на надлежностите меѓу институциите и воведување јасна хиерархиска подреденост согласно улогата на институцијата, како што се креатор на политики, спроведувач на политики, спроведувач на инспекциски надзор“, се нагласува во програмата.

Се најавува и јасно и значително дефинирање на надлежности на сите нивоа во администрацијата, што треба да ја намали неодржливата централизација во неа, која ги забавува сите процеси, но и создава атмосфера на неодговорност и навики сè „да се чека од горе“.  Како една од мерките што се планираат е повисоки плати и награда за резултат.

„До 30 отсто од вработените во институцијата ќе можат да добијат додатоци на плата доколку постигнат исклучителен резултат во остварување на целите, кои на почеток на година Владата ќе ги утврди како нивна задача“, се вели во програмата.

За администрацијата во програмата се најавува и индивидуална одговорност, но тимска оценка.

„Граѓаните и бизнисите не ги интересира колку институциите формално спровеле од своите стратешки и акциски планови, туку какви услуги нудат. Не им значи ниту колку е добар или успешен раководителот, туку како функционира неговиот тим. Затоа, ќе воведеме систем кој ги оценува институциите наспроти формално пополнување табели и спроведување на стратешките планови и оценка на тимовите односно одделенијата наспроти спроведувањето на акциските планови“, најавува мандатарот во програмата.  За две години целокупната комуникација вп и помеѓу институциите  ќе се води електронски.

„Најприфатена за граѓаните се очекува да биде функционалноста на системот за е-услуги, преку која тие ќе можат да добијат отпечатен документ од електронската верзија, кој во десниот долен агол ќе има QR код. Со приложување на печатениот документ, до сите институции или сегде каде што има потреба, со QR читач ќе може да го симнат валидниот електронски документ, кој согласно закон претставува полноважен документ“, се вели меѓу другото во програмата на мандатарот Ковачевски.https://nezavisen.mk/novata-vlada-kje-ja-kastri-administracijata-za-20-otsto/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close