Нови правила, нови проблеми за подигање нови насади
Се укина можноста за субвенционирање на подигањето на нови лозови и овошни насади преку националната програма односно преку програмата за рурален развој. Веќе на сила се новите правила според кои оваа поддршка целосно е префрлена во ИПАРД. Ова практично значи дека досегашната поедноставена процедура за да дојдат земјоделците до субвенции за нов насад се комплицираат со правилата кои важат за ИПАРД. Ако сега сакате да дојдете до поддршка треба прво да чекате јавен повик па на него да аплицирате со барање проследено со технички предлог проект ако инвестицијата е до 50 илјади евра а ако е над оваа сума треба да имате и бизнис план. Првиот човек на платежната агенција Бабовски смета дека со префрлањето на оваа мерка во ИПАРД на земјоделците им стојат на располагање повеќе средства и на овој начин имаат поголема сигурност дека дел од инвестираните пари ќе ги добијат назад.
-Преку ИПАРД се зголемува и опсегот на работи кои влегуваат како прифатливи трошоци со тоа што може да добијат поврат освен за садниците или лозовиот калем што беше и досега, ќе можат да добијат поврат и за системите за наводнување како и за поставувањето на столбови и заштитни мрежи кои имаат повеќекратна намена, за заштита од град, од птици, од УВ зрачење и слично. Новите правила се веќе стапени на сила и ние имавме еден повик по кој сега се склучуваат договор со кои земјоделците ќе можат напролет веќе да подигаат насади. По нова година се очекува да се објави и нов повик кој ќе биде наменет за сите оние кои сакаат да подигаат насади наесен . Повиците се така темпирани за да имаат време земјоделците да ги запазат процедурите и да добијат договор кој им е сигурност дека ќе остварат право на поврат на дел од парите кои ги инвестирале рече Николче Бабовски директор на агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Според него досега сигурноста на земјоделците биле помала бидејќи најчесто ќе ја направат инвестицијата и штом ќе се отвори повикот ако не влезат во првите кои аплицирале често остануваа и без поддршка. На овој начин смета тој ако земјоделецот ги запази процедурите и добие договор и понатаму ги следи одредбите од тој договор нема зошто да се грижи дали ќе ги добие парите назад. Сите кои сакаат да подигнат нов лозов или овошен насад треба да одат во АПРЗ каде бесплатно ќе ја добијат целата поддршка околу изработка на бизнис план и прибирање на потребните документи.
-Земјоделците кои се заинтересирани треба да знаат дека прифатливата инвестиција не треба да биде помала од 3 илјади евра а најмала површина е 1 хектар. ИПАРД – от точно е дека е подложен на правила но доколку се почитуваат нема грижа дали ќе се заврши успешно реализацијата, додаде Бабовски.
Токму долната граница од еден хектар наидува на бројни негативни реакции кај земјоделците. На овој начин според нив ќе се поддржуваат само оние земјоделци кои можат да инвестираат а исфрлени од системот се токму помалите земјоделци кои најчесто се и млади земјоделци кои допрва почнуваат со инвестиции и токму на кои им е потребна првична помош додека да почнат со производството.
-Ние сме во постојана комуникација со земјоделците бидејќи тука се обраќаат за набавка на садници и ги слушаме нивните реакции околу новите правила. Тие бараат едноставно сите што се со површини под еден хектар да останат по стариот модел односно да останат да конкурираат преку националната програма за поврат на 50% од инвестицијата во набавката на садниците додека поголемите земјоделци со посериозни инвестиции да одат преку ИПАРД и да добијат пари и за сите други трошоци рече Лидија Бурназова од Опитно Поле Лисиче кое е во склоп на факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.
Според Бурназова интересот кај малите земјоделци кои се најчесто и млади земјоделци е голем но сега се обесхрабрени со новите прави за инвестирање во подигањето на нови долгогодишни насади. Во 2016 по стариот модел на субвенционирање аплицирале 308 земјоделци за нови насади, во 2017 нивниот број е зголемен на 327 за во 2018 да опадне на 273 апликанти.
З.Б.