вести

Новите македонски сорти пченица поприносни и поквалитетни

Новите македонски сорти пченица се поприносни и поквалитетни и рамноправно се носат со оние на мултинационалните компании кои се светски признати. Некои од овие сорти пченица веќе се применуваат во Македонија, а оние кои допрва ќе се сеат ќе придонесат за рекордни, досега незабележани приноси, а резултатите ќе бидат евидентни во следните десет години.

novite makedonski sorti pchenica poprinosni i pokvalitetni

 

Она што е значајно за зголемување на приносите покрај земјата, агротехничките мерки, ѓубривата и водата е и квалитетниот семенски материјал.

Според претседателот на Агробизнис комората, Огнен Оровчанец, се може да биде добро, земјата, ѓубривото, добра заштита, вода, но ако немате добро семе, нема добри приноси. Тој додава дека семето може да биде добро, но само ако се фрли на несоодветна почва и ако не се запазат другите фактори, исто така нема да има добри приноси.

– Ние 27 години создаваме и развиваме нови сорти на пченица. Досега во Македонија се признаени 18 сорти на пченица, 3 во Србија 4 во Босна и Херцеговина, 4 во Косово. Сега сме во фаза на признавање на нови лиценцирани македонски сорти пченица, производство на „Агроунија”, во Грција, Турција, Романија и Албанија. Тоа, не значи афирмација само за компанијата, туку и за целата држава, но посебно за македонската земјоделска наука, вели Оровчанец.

Самиот факт што овие сорти се признаени во овие земји е доволен доказ за нивниот квалитет. Така на пример македонската најприносна сорта на пченица “Агроунија-тритикале” дава 1.500 килограми по хектар повеќе од најдобрата сорта во Србија – Одисеј.

– Новите сорти пченица можат да дадат од 9 до 12 тони пченица по хектар. Тоа е генетскиот материјал. Во реалноста ситуацијата е малку поинаква, односно приносите се нешто помали, така засега со примена на нови сорти пченица се добиени 7 тони по хектар во Битола, и од 8,5 до 9 тони по хектар во Скопско, што е одличен принос, вели претседателот на Агробизнис комората.

Во тој контекст, нагласи дека стратегијата и натаму ќе остане креирање сертифицирано, висококвалитетно производство, конкурентно на странските пазари.

– Со селекција добивме над 1.000 линии, потенцијални нови сорти, од кои 100 се издвоени како најдобри, а три од овие 100 како врвни, со по 125 зрна во класот за разлика од стандардните кои имаат по најмногу 95 зрна. Тоа практично значи генетски потенцијал за принос од 18 тони на хектар во идеални услови што е многу повеќе од актуелните кои даваат по околу 7.800 тони, вели тој.

И експертите сметаат дека доколку сакаме да го зголемуваме земјоделското производство, мораме да применуваме наука. Не можеме да очекуваме конкурентни земјоделци, доколку не се користат современи достигнувања, најнови агротехнички мерки, модерни сознанија и технологија, не само за житни, туку и за другите култури науката ќе има приоритет.

Земјоделците знаат дека новите сорти пченица даваат поголеми и поквалитетни приноси, но сметаат дека за нив се потребни погодни подрачја. Затоа тие бараат да се направат опитни полиња во различни региони на кои ќе се одгледуваат нови сорти пченица и јачмен кои даваат високи приноси.

Дека новите сорти пченица го зголемуваат приносот,докажува и примерот на соседна Србија, каде што со нивна примена во последната година значително се зголемени приносите.

– Со примена на нови сорти пченица дојде до зголемување на приносите од пченица. Оваа година имаме околу 15 отсто поголеми приноси на пченица, а тоа во тони изнесува околу 2,5 милиони тони. Затоа апелирам да се оди на квалитет и да се сеат квалитетни семиња кои даваат поголеми приноси, а не да се користи пченицата која се чува по таваните, вели претседателот на Одборот за земјоделство на ПКС, Ненад Будимовиќ.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close