Ново поскапување на цигарите
Последните неколку дена дојде до серија поскапувања на најпопуларните брендови на цигари во земјава. Така, „марлборо” во тврдо пакување се продава по цена од 130 денари за кутија додека за 5 денари поскапеа и „марлборо” едициите на малку потенки цигари кои се продаваат по 100 денари. Нова цена имаат и цигарите „вест” во тврда и мека варијанта, и тоа 70, односно 80 денари по кутија. Поскапеа и „честерфилд” од 70 на 75 денари.
Според правилникот за акцизите на цигарите, државата предвиде до оваа година цигарите годишно да имаат по 3 денари од кутија повисока акциза а следниот 1 јули, 2017 година, акцизата да порасне за 4 денари по кутија.
Сепак, производителите решија да направат поскапување и за до 5 денари по кутија, а некои брендови, како на пример „марлборо” за неколку месеци поскапеа и по 10 денари за една кутија. Цената на „филтер 57″ се зголеми за три денари и чини 58, а од 55 на 58 денари се поскапени и тврдите пакувања на „класик блу” и „класик ред”.
Пред околу еден месец поскапеа и цигарите „родео”, па кутија од овие цигари сега чини 68 денари, а „давидоф” се продаваат по 135 денари.
Поголемиот дел од палетата цигари што ја нуди скопскиот тутунски комбинат „Империјал тобако”, поскапе од 1 јули годинава. Варијациите на „бос” се продаваат поскапо за 5 денари, а поскапени се и сите варијации на „вест”. По ново, „вест меко” чини 70 денари, а „вест суперслим” 90 денари.