Ново поскапување на цигарите

(Oвој напис е објавен на: February 27, 2017)

Од петок малопродажната цена на цигарите се очекува да се зголеми за 3 денари според календарот за зголемување на акцизите. Измените во Законот за акцизи донесени пред три години предвидуваат етапно поскапување на цигарите во наредните 10 години.

novo poskapuvanje na cigarite

 

Стапката на акцизата во првите три години од законските измени се зголемуваше за 3 денари, а од следната 2017-та година предвидено е стапката да се зголемува за 4 денари од кутија цигари во период од седум години.
На производителите е да решат дали ќе ја зголемат цената во малопродажба, или ќе ја компензираат разликата.
Ваквиот тренд на покачување драстично ќе ги поскапи цигарите, со што најскапата кутија цигари која сега чини 120 денари, во 2023 година ќе достигне цена од 154 денари.
Во февруари годинава Собранието донесе нови измени во Законот за акцизи со кои им се оневозможува на компаниите од тутунската индустрија да прават шпекулативни залихи за одбегнување на плаќање на акцизата. На овој начин компаниите нема да можат да таложат залихи кај дистрибутерот пред поскапувањето со цел да се избегне плаќање на новите акцизи.
Македонците инаку дневно трошат околу 240 илјади евра на цигари, покажуваат груби пресметки. Според истражувањето на американскиот Институт за метрика и евалуација на здравството, Македонија има најголем број на пушачи во регионот. Пушат речиси 37 проценти од населението, или 740.000 граѓани. Статистиките покажуваат дека 26% од учениците во македонските училишта пробале или се уште пушат цигари, а пушат и 30 отсто од лекарите.
Се смета дека 21% од сите смртни случаи на лица меѓу 35 и 69 години се предизвикани од цигари.
Законот за забрана на пушењето на јавни места беше донесен во 2010 година но се уште нема истражување за неговите ефекти. Странските стручни публикации говорат дека изминативе години не се намалил бројот на пушачи во Македонија.