fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

НОВО! Премиерот Ковачевски-Заедно со тутунопроизводителите испишуваме историја со највисока просечна откупна цена од 290 денари за килограм

Преку Програмата за директни плаќања се исплатени 6.5 милијарди денари или 105 милиони евра за 80.000 корисници на субвенции за растително и сточарско производство.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот посочи на конкретните придобивки од преземените мерки во областа на земјоделството, посебно во услови на светската економска криза и на побарувачка на храна и соопшти дека земјоделството е еден од врвните приоритети во владините политики.

„Преку Програмата за директни плаќања се исплатени 6.5 милијарди денари или 105 милиони евра за 80.000 корисници на субвенции за растително и сточарско производство. За прв пат донесовме Националниот план за производство на храна и Интервентна програма за поддршка на секој земјоделец и инвестиравме интервентни 900 милиони денари, со што ја ублаживме кризната состојба во неколку сектори од земјоделието. Преку оваа нова Програма, поддршка добија производителите на стратешки житни култури, преку субвенционирање на набавка на вештачко ѓубриво од 40 проценти, со оглед на зголемената цена на вештачките ѓубрива заради војната којашто се води во Украина, мерка што ја искористија над 10.000 земјоделци. Дополнителна субвенција добија и млекопроизводителите“, рече премиерот Ковачевски.

Како дополнителни мерки за стимулација на домашното производство на храна и на земјоделците, премиерот посочи дека се ставени на располагање над 14.000 хектари земјоделско земјиште за производство на житни култури, за производство на сточна храна и за подигнување на долгогодишни насади, а најголем успех е постигнат кај производството на сончоглед.

„Успеавме да го зголемиме повеќе од двојно и тоа преку концептот за договорно производство, со што производството на сончоглед заврши во домашната преработувачка индустрија, во капацитети коишто произведуваат основни прехранбени производи. Потребите за јачмен се задоволуваат од домашно производство, наместо увоз како до пред три години. Ние сега бележиме извоз на јачмен – од земја којашто до пред три години увезуваше јачмен. Го зголемивме и производството на пченица кое оваа година достигна висока откупна цена од 18 денари по килограм“, додаде премиерот Ковачевски.

„Во услови на криза ние успеавме да го стабилизираме и да го зголемиме домашното производство на храна. Во 2022 година и покрај кризата, земјоделското производство бележи раст и по количини и по цена“, констатираше премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, посебно го нагласи новиот модел во субвенционирањето на земјоделците, што ќе започне со примена оваа година, како системско решение.

„2023-та ќе биде година на нови можности за унапредување на земјоделското производство. Обезбедени се над 7 милијарди денари за субвенции и ова се рекордни средства коишто ќе овозможат зголемено домашно производство, со фокус на вистинските земјоделци. Поддршката е наменета за сите значајни култури и за развој на сточарството. Новиот модел на субвенционирање е дел од најголемата земјоделска реформа, со којашто обезбедуваме побрз, поефективен и поефикасен модел за субвенционирање, со што ќе го зголемиме домашното производство на храна, со основна субвенција за сите земјоделци и дополнителна субвенција за оние кои обработуваат значајни култури и кои своето производство го продаваат во регистрирани откупни центри или го користат за производство во сопствени капацитети. Она што е најважно за новиот модел е тоа што ќе се стимулира реално земјоделско производство, кое земјоделците ќе треба да го докажат преку остварен принос. Освен побрзата исплата, новиот модел предвидува поголема контрола и намалување на сивата економија во овој сектор“, посочи премиерот Ковачевски.

Тој рече дека оваа 2023 година го имаме најголемиот земјоделски буџет досега, вреден околу 12 милијарди денари, којшто е поставен на пет клучни столбови: реформа во земјоделството и нов модел на субвенционирање, фокус на малите производители, капитални водостопански инвестиции, зелена транзиција и модернизација на земјоделското производство, што значи над 200 милиона евра за земјоделците.

Посебно беше посочено на одличната реколта со тутунот.

„Заедно со тутунопроизводителите испишуваме историја со највисока просечна откупна цена од 290 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40 проценти во однос на минатогодишната откупна цена. На оваа цена, кога ќе додадеме и 80 денари за субвенции од државата, доаѓаме до рекордно висока цена од 370 денари по килограм, што никогаш се нема случено во државата и тоа во најкризната година. И оваа година е највисоката откупна цена на тутунот во историјата на нашата држава“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот најави повеќе инвестиции во земјоделството, а посебно посочи резултатите од ИПАРД програмата.

„Вкупната искористеност на средствата за ИПАРД 2 е рекордни 98% и реализација од над 2.000 договори во 2022 година. Токму затоа, ние сме прогласени за земја лидер во регионот за искористеност на средствата од ИПАРД. За новата ИПАРД 3 програма, Европската комисија ги зголеми средствата за 62 процента и ако за ИПАРД 2 имавме на располагање 60 милиони евра, за ИПАРД 3 имаме 97 милиони евра на располагање. ИПАРД 3 е програма за нова модернизација на македонското земјоделство. Ќе се акредитираат дополнителни четири мерки за поддршка на земјоделците: инвестиции во рурална јавна инфраструктура, мерката ЛИДЕР, наменета за финансирање активности и проекти коишто ќе се реализираат преку Локалните акциски групи, за производство на органско производство и мерка за советодавни услуги со цел унапредување на знаењето, меѓутоа и квалитетот на производството на нашите земјоделци“, посочи премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close