fbpx
Вести

Обука за земјоделството и за климатските промени

obuka

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола ја заврши дводневната обука на советниците од сите региони на Македонија, вклучени во проектот „Зголемување на сигурноста за производство на храна од страна на малите земјоделци во рурална Македонија“.

Дводневната обука ја изведе фондацијата ЦНВП Македонија – Организација за поврзување природни вредности и луѓе во соработка со локални и интернационални експерти од холандскиот универзитет во Вагенинген.

– Обуката беше фокусирана на неколку теми, како предностите од окрупнување земјишни парцели, управување во водени ресурси во услови на променета клима, поврзаност на шумите со обезбеденост на храна, заштита од ерозија, екосистемски услуги, полезаштитни појаси, иригација, фертиригација и конципирање курикулум со кој советниците ќе можат полесно да им ги пренесат своите нови знаења на другите колеги и на секој земјоделец во Македонија – информира АПРЗ.
Раководителот на одделение во АПРЗ, Зоран Бардаковски, истакна дека се главни даватели на советодавни услуги за земјоделците на национално ниво.

– Неколку години се појавуваат критични промени во временските услови, кои резултираат со поплави, особено во регионите на Пелагонија и Струмица, додека во исто време други региони, како што е на пример Овчеполието, страдаат од недостиг од вода. Двата екстрема резултираат со загуби во приносите што ги погодуваат малите земјоделци и безбедноста на храната, особено во поглед на храната за семејствата, како и загуби во приходите на земјоделците – рече Бардаковски.
Преку добро развиена мрежа на канцеларии и обучени советници, како што рече, агенцијата може веднаш да реагира на приоритетните потреби на земјоделците за подобрување на нивното производство и очекуваните резултати, но и минимизирање на климатските влијанија на земјоделските загуби.
Проектот е финансиран од НУФИК – Холандската програма за стипендии и е специфично дизајниран за да се унапреди знаењето на 15 советници од АПРЗ.

Во завршниот дел од дводневната обука во Битола беше истакнато дека преку серија обуки и студиско патување проектот ќе им овозможи на советниците да го унапредат своето знаење за интегрираните пристапи во стопанисувањето со вода и земјиште, како и адаптирање на климатските промени за да обезбедат соодветни совети за малите земјоделци.


 

нова македонија

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close